Кратки кинематографски премини низ историјата преку високо одржливата современа архитектура

„Растенијата се однесуваат различно во нечие присуство.“

Кон  „Струење“ – Currents

Низ повеќето сцени на краткометражниот, документарен филм ,,Струење” се брануваат долгите ходници обраснати со висечко зеленило, чии што пасажи наизменично осветлуваат, затемнуваат, водејќи ја приказната на некогаш познатиот хотел во Југославија. Хрватската режисерка, воедно и снимател – Катерина Дуда ја доловува поетичната симбиоза на еден споменик кој одекнува низ ходниците на времето. Наводно филмот има за цел да промовира идеја за уметничка култура, која била охрабрувана помеѓу работниците во времето на социјализмот. Преку синтетизирањето на историјата, документарниот филм има ,,мисија” да ја реанимира некогаш живата, социјална идеја.

Архитектот со овој споменик (деловна зграда), чиј што сегашен изглед е мотив кај хрватската режисерка, постигнал флексибилна интеракција помеѓу историјата и екологијата. Катерина Дуда успешно ја прикажува идејата на универзално човештво, акумулирана во една современо одржлива архитектура. Кратките празни премини, украсени со зеленило се суптилно присутни во секоја сцена, сугерирајќи на транзицискиот период од југословенското време и сегашноста. Одгледувачката на растенија и распространетото зеленило се единствените ликови кои ја одржуваат деловната зграда во живот.

Звук налик на „брмчење“ создава сензација на движење, исполнувајќи ја празнината на луѓе во самиот простор. Редуцираност на карактери, а два лика кои се разминуваат во хотелот не’ водат на една променада. Во текот на филмот, публиката поблиску се запознава само со одгледувачката на многубројните растенија, која се чини дека е единствен лик кој говори, во улога на посветен љубител на растенија.

Балконските градини, меки и брановидни, обоени со комплементарни хармонични бои, се среќават едни со други во репетитивните концентрични кругови. Извивајќи се во височина и подобрувајќи го амбиентот, тие како да го надгледуваат просторот.

Низ кадрите на хрватската режисерка се забележува контрастот на денот и ноќта, „зграпчувајќи“ го мигот кој природата сукцесивно го приредила со движењето на вжареното светло, во доцните часови подготвувајќи сосем различна магична атмосфера. Должинското истегнување на теснаците ја нарушува акустичната комуникација на миксот од звуци. Искачувајќи се го губи својот автентичен  облик во екот на  на една хорска изведба.

Неодамнешните движења ,,Нов урбанизам” и Класична архитектура промовираат одржлив пристап кон конструкцијата на објектите (зградите), притоа ценејќи го развојот на архитектонски класичниот дизајн. Одржливата архитектура е тежнеење кон создавање на урбана зграда која во својата „празнина“ создава ефектна средина.

Документарниот филм „Струење“ помага во ориентирање на гледачот кон светлината на суштинското постоење. Зголемувањето на широко распространетото зеленило го минимизира негативното влијание врз модерната архитектура. Оптималното искористување на локацијата допушта хармонијата да завладее во речиси напуштената деловна зграда.

Идејата на одржливост или еколошки дизајн е осигурувањето за постојните достапни извори кои придонесуваат за благосостојба на човекот и битието. Двете целини во социјално-еколошката идеја на режисерката се преплетени во спирала, и така го оживуваат гостопримството на деловната зграда која е ретко посетувана.

Андреа Алтипармакова