Кога сонот ќе згасне

...„нуди потенцијал да ја обземе публиката од сите возрасти и да ѝ овозможи едно поинакво доживување, само потребно е да му се даде шанса.“

Кон краткиот филм „Ситара: Дозволете им на девојките да сонуваат“.
Оцена: 9/10

Додека едниот дел од светот на сиот свој глас се бори за жената и нејзините права, останатиот дел заборава дека воопшто има глас во себе и кукавички ѝ ја одзема слободата. Но честопати се случува да се заборави дека она коешто за нас претставува вообичаено секојдневие, за некое младо девојче далеку од нас е нешто со кое може да се здобие само на сон. Токму анимираниот филм на Шармин Обаид – Чиној е инспириран од таквите неправди на светот. Таа на големото платно ја раскажува приказната за 14 годишната Пари, која везден мечтае еден ден да стане врвен пилот и да ја прелета земјината топка. Но, нејзината најголема пречка во остварувањето на таа желба е татко ѝ, кој одлучува да ја омажи за повозрасен човек. Со тоа ѝ ја одзема слободата и ја прави жртва на традицијата и обичаите. 

Не е лесно приказна со толкава тежина да биде преточена во филм, а особено кога станува збор за краткометражен филм со времетраење од само петнаесет минути. Режисерката/ сценарист, Чиној вешто се справува со овој предизвик, со што се одразува нејзиното долгогодишно искуство. Но со овој проект таа излегува од рамките на полето на документарците, кое најдобро го познава, така што гледачите имаат можност да погледнат сосем ново издание на нејзиниот труд. 

Овој анимиран филм за Чиној претставува бело платно кое таа го бои со идеите на нејзиниот креативен ум, кој не познава граници. Се работи за дигитална 2Д анимација, која може да е доживеана како несекојдневна од страна на гледачите наспроти современата и усовршена анимација, на која е веќе навикнато окото на публиката. Музиката и звучните ефекти се дел од изразниот апарат на приказната, кои на свој начин придонесуваат во градењето на атмосферата и естетиката на сцените. Композициите кои одат во позадината се инспирирани од традиционалната пакистанска музика, на тој начин ни ја доловуваат културата на општеството на протагонистот. Додека пак звучните ефекти ја исполнуваат тишината, предизвикана од отсуството на дијалог.

На храбриот избор филмот да биде целосно нем, без дијалог ниту пак нарација, му се надоврзува и перспективата од која се проследува филмското дејство, од гледна точка на помалата сестра на Пари, Мер. Девојчето е несвесно за традициите и бариерите кои им ги наметнува средината на жените. Комбинацијата од овие два елементи може да ѝ предизвика конфузија на публиката, особено во моментите кога настанува конфликт помеѓу родителите на младите девојчиња. А причината останува непозната во наредните неколку сцени. Иако се разоткриваат неколку детали, навистина е тешко тие да се поврзат и да се дојде до разоткривање на самата причина. Но и покрај тоа, концептот на исклучувањето на говорената форма од филмот ја надополнува визијата на Чиној за сопствениот филм. Особено бидејќи поттикот за тој филмски концепт да биде применет виреел од тенденцијата на  режисерката да потенцира дека можеби некои случувања остануваат нераскажани, но не и незабележани.

Не може да се изостави и продукцијата која стои зад овој проект – Нетфликс, која сè почесто ја покажува својата селективност со цел да се обиде гледачите да ги снабди со најквалитетните достапни содржини, преку што ја зголеми својата репутација во изминативе години и се закити и со неколку оскари.

Кога веќе сме кај наградите, „Ситара“ засега не успеа да ги освои жиријата на фестивалите, но овој филм нуди потенцијал да ја обземе публиката од сите возрасти и да ѝ овозможи едно поинакво доживување, само потребно е да му се даде шанса.

Евгенија Арсова 

Have your say