Кон „Радиоактивна“ во режија на Марјане Сатрапи, сценарио од Џек Торн, кинематографија на Ентони Дод Мантл
Оцена: 2.5/5
Марија Кири-Склодовска, полски научник која е изучувана во училишниот курикулум во скоро сите земји во светот, е веројатно најпрепознатливиот лик во популарната култура за жени во модерната наука. Таа е пионер во изучувањето на радиоактивноста и открила два нови елементи, првиот човек и единствената жена која ја добила Нобеловата награда два пати и единствената личност која добила Нобелови награди за две различни полиња: физика и хемија. Не е ни чудо што токму тој факт го прави нејзиниот живот совршен за адаптација на големото платно, дури четири пати во историјата на филмот. Колку и да е импресивна таа бројка, жалосно е што дури ни една верзија за нејзиниот живот не оставила траги во аналите на филмската уметност, а таа традиција продолжува и со најновото остварување „Радиоактивна“ на Иранската режисерка Марјане Сатрапи.

„Радиоактивна“ го следи животот на Марија Кири-Склодовска од почетокот на нејзината кариера како имигрант во Париз, тешкотиите со кои се соочува поради тој факт и нејзиниот пол во научната фела па се до нејзината смрт како првата жена – професор на престижната Сорбона. Во најмала рака филмот е класична, помалку заборавлива адаптација на биографија која хронолошки ги следи сите настани по сите наративни правила и норми. Сепак, тоа не го менува фактот дека овој филм би можел да носи поголема длабочина ако не го потценува гледачот во неговата перцепција. Режисерката во повеќе наврати се труди да објасни настани од историјата за поголем контекст кои воопшто не се потребни и не придонесуваат за развој на приказната. Тие отскокнуваат низ сценариото како „тумори“ и само придонесуваат за портретирање на протагониската во дводимензионален карактер кој не повикува никаков емоционален одговор од гледачот.

Актерската игра е особено засегната од некохерентното сценарио и слабата режија. Розамунд Пајк, една од најинтригантните и целосни актерки на денешницата (номинирана за оскар во „Ејми ја Нема“) ја портретира Марија Кири како невротична и параноична жена која во првата половина од филмот се претставува ладно и калкулирано, отфрлајќи секаква емоционална врска за да научниците ја прифатат како еднаква. Таа прави драматичен пресврт во нејзиниот карактер откако ќе се омажи за Пјер Кири за кој бескрајно тагува откако ќе почине. Режисерката како да не може да ја најде есенцијата на оваа комплексна жена за да ја претстави во вистинско светло како научник, борец за еднакви права, сексуално битие, мајка и сопруга, нешто што сѐ уште е огромен проблем во продукцијата на модерните филмови во 21 век. Овој факт е особено болен зашто Марјане Сатрапи е една од најнаградуваните режисерки која со својот филм „Персеполис“ (2007) ја истражува токму својата, автобиографска приказна за растење во еден опресивен режим каде жените се второкласни граѓани.

За волја на вистината, „Радиоактивна“ е фактуален приказ на големите остварувања на една голема жена ако се оценува како историска драматизација на важни настани. Тоа сепак не го менува фактот дека овој филм има многу мала уметничка вредност и можеби никој нема да го памети во годините што следат.
Петра Бранковска