Оцена: 9/10
Мајка со големи сништа, а уште поголема љубов кон ќерка си, обидувајќи се да воспостави рамнотежа во својот живот, дава сè од себе да биде успешна во професијата, а притоа да не пропушти ниту миг од животот на сопственото дете. Во прашање е само нејзината способност да се избори со препреките на патот. Црпејќи ја својата инспирација токму од љубовта на една мајка кон своето чедо и нејзината тврдокорност, режисерката Алис Винкор ги поставила темелите на приказната која се крие зад името на нејзиниот најнов филм, „Проксима“.
Покрај тоа што кога ќе се спомене името Винкор, тоа честопати директно упатува кон проектите како „Мустанг“ или „Аугустина“, по кои таа е најпрепознатлива, сепак „Проксима“ ја поседува најголемата уметничка вредност. Станува збор за една самохрана мајка, Сара, која минува низ процесот на обука во Европската вселенска агенција во Келн. Таа секојдневно со часови е одвоена од своето дете Стела, за која таа е постојано загрижена. Но, нејзиниот живот станува вистински хаос кога ја избираат да биде член на екипажот, кој ќе е дел од едногодишната вселенска мисија, Проксима. Ситуацијата на Сара станува безизлезна. Таа се наоѓа заробена на средината poмеѓу два нескротливи огна, бесконечната љубов кон нејзиното единствено чедо и пасијата кон вселенската мисија, за која си има поставено многу високи па скоро и недостижни цели.

Ева Грин, која е во улога на Сара, несомнено остава длабока трага во срцата на гледачите со својата изведба на овој лик. Имено француската актерка, со која сме добро запознаени и од холивудските блокбастери, преку својата улога го покажува својот несекојдневен талент, почнувајќи од пренесувањето на емоциите, па сè до способноста без никакви тешкотии да зборува на повеќе од три различни јазика, која не може да остане незабележана. Како и да е, Грин е во придружба на прекрасната млада актерка, Зели Булан, за која „Проксима“ претставува второ филмско искуство. Но, очигледно е дека малечката Булан храбро се соочува со предизвикот кој доаѓа со ликот на Стела, и покрај тоа што таа ја дели сцената со едно исклучително значајно име за филмската индустрија како што е Ева.
Кинематографските елементи се од голема важност за доловувањето на амбиентот во приказната. Кадрите се вешто снимени, соодветни за овој емотивен ролеркостер. Во повеќето сцени се практикува снимање со слободна рака, кое на вистински начин го интерпретира бурниот живот на Сара. Но не е само кинематографијата заслужна за визуелизацијата на приказната, туку и визуелните ефекти. Тие се срцевината на филмското дејство, бидејќи преку нив се доловуваат на најреален начин напорот и интензивноста, кои доаѓаат со професијата на Сара, како млада жена космонаут.

Причината за важноста гледачите да засведочат низ што минува овој лик, олицетворение на безброј храбри мајки, кои направиле чекор напред за целото човештво, е во тоа и самите да воочат дека нивната бесконечна мајчинска љубов е она кое ги води напред, ги избавува од сите тешкотии и им дава причина да станат после падот, да се исправат, да продолжат со уште поголема сила од кога било.
Евгенија Арсова