Што гледавме на Pravo Ljudski Film Festival? (2)

...„три кратки филмови кои, секој на свој начин, го обработуваат кршењето на човековите права како централна тема.“

Петнаесеттото издание на Pravo Ljudski Film Festival оваа година се одржува во ноември и декември, при што гледачи од целиот свет можат бесплатно да погледнат повеќе од 50 филмови поделени во пет тематски целини. Селекцијата е неверојатно разновидна и свежа, отворена кон нови и експериментални пристапи кон филмот како идеја и алатка. Од многуте филмови што ги погледнав, во овој текст издвојувам три кратки филмови кои, секој на свој начин, го обработуваат кршењето на човековите права како централна тема.


Најкраткиот (и можеби најмалку бруталниот) од трите филмови, „Круг“ во режија на Ланре Малолу, е посветен на семејната динамика помеѓу двајца браќа од Лондон и нивните искуства со расизам. За кинематографијата и монтажата е заслужна Моника Јастребска, која успева од две навидум сосема различни раскажувачки линии да изгради кохерентна приказна. Имено, паралелно на класичните документаристички кадри каде браќата раскажуваат за одбрани настани од нивните животи, се испреплетуваат и сцени целосно посветени на танц. Токму ваквото отелотворување на животите на двајцата браќа додава една неочекувана и помалку надреална димензија на филмот – она што обично би било невидливо и оставено на гледачот да го прочита „помеѓу редови“, овој пат е во прв план и совршено јасно прикажано.


Во „Причина за смртта“, режисерката Џоти Мистри во фокус го става структурното насилство врз жените преку архивски снимки, анимација и поезија (монтирани заедно од Ники Комнинос). Употребувајќи податоци од извештаи од аутопсии и намерна репетиција во неверојатно директните стихови, Мистри беспоштедно го соочува гледачот со многубројни начини за повредување на женското тело кои неминовно кулминираат во фемицид.

Од трите филмови кои ги издвојувам денес, „Филмска ролна 11004“ е убедливо најтежок за „варење“. Ова не го нагласувам само поради бруталните кадри за кои гледачот треба да е ментално подготвен, туку и поради поголемите прашања што филмот ги отвора. Овој краток 19-минутен филм (во режија на Мирабел Фревил) е всушност составен од кадри снимени во Хирошима и Нагасаки во 1946 година, осум месеци по експлозиите на атомските бомби во овие два јапонски градови. Кадрите ги снимил филмски тим на американската армија, но голем дел од нив биле цензурирани веднаш по враќањето во државата. Фревил, заедно со Денис Ле Павен (задолжен за монтажата), ги користат кадрите на многу суптилен начин, без непотребен воајеризам и нагласување на болката на жртвите на атомските експлозии. Суптилно се наѕираат и низа неизбежни прашања: Што уште е скриено од очите на јавноста, поради назнаката „државна тајна“? Какви „лекции“ се кријат во цензурираните материјали? Што научивме, како човештво, од тогашната војна и употребата на атомски бомби?

Јована Ѓорѓиовска