Петнаесеттото издание на Pravo Ljudski Film Festival оваа година се одржува во ноември и декември, при што гледачи од целиот свет можат бесплатно да погледнат повеќе од 50 филмови поделени во пет тематски целини. Програмата е неверојатно разновидна и свежа, отворена кон нови и експериментални пристапи кон филмот како идеја и алатка. Од изборот кој го нуди фестивалот, во овој текст издвојувам два кратки филмови кои (иако во различни програмски целини) се бават со слична тематика – човечкото влијание врз природата, прикажано преку големи пространства вода и нивната спротивност, песочните брегови.
„Остатоци (архипелаг)“ е 40 минутен видео есеј кој ја обработува постојаната побарувачка за песок, како вториот најкористен природен ресурс во денешницата (по водата). Режисерката Енар де Диос Родригез (која се потпишува и зад кинематографијата, монтажата и продукцијата) користи сателитски снимки за преку птичјата перспектива најдиректно да ја прикаже глобалната потрага по „општествен напредок“, дефиниран како капиталистички фокус на профит по цена на уништување на природните ресурси и занемарување на основни човечки вредности. Балансирајќи помеѓу конкретни примери за човековата алчност и поетична анализа, „Остатоци (архипелаг)“ е хипнотизирачки привлечен и истовремено, длабоко потресувачки филм во кој главните „улоги“ ги имаат немите зрнца песок и режисерката како сезнаечки раскажувач.
Спротивно на „Остатоци (архипелаг)“, во „Мртвото море умира“ приказната ја „раскажуваат“ повеќе и различни карактери, сите на некој начин поврзани со Мртвото море. Режисерките Катарина Рабл и Ребека Зер посветуваат 29 минути на случувањата на брегот на Мртвото море, прикажани преку искуствата на работници на огромните индустриски комплекси и градилишта за планираните луксузни хотели, како и туристи кои доаѓаат за религиозни ритуали. Како што пророштвото за „смртта“ на Мртвото море станува се поверодостојно во секоја следна сцена, така и монтажата на Мелани Јилг полека ја зголемува тензијата предизвикана од вознемирувачките одлуки за промени на брегот на Мртвото море. Широките и стабилни кадри (заслуга на Мануел Луберс) му овозможуваат на гледачот да ја погледне темата од повеќе агли и сам да процени – колку од промените на брегот на морето се навистина потребни и оправдани?
Јована Ѓорѓиовска