Кон „Портрет на дамата во огнот“, сценарио и режија на Селин Сјама, кинематографија на Клер Матон
Веќе е 2020, но борбата за женски приказни раскажани од жени продолжува. Успехот на „Тие се бомби“ кој брои целосно машки тим ни го покажува токму тоа – сѐ уште е тешко да се излезе од таа „кутија“ каде доминантната перспектива е машка. Затоа „Портрет на дамата во огнот“ на француската филмаџика Селин Сјама е огромно освежување и чекор напред во борбата за видливоста на жените кои стојат и позади камерата, а не само пред неа. Значењето кое го има ова 122 минутно остварување е уште поголемо кога ќе се земе предвид целокупниот квалитет на продукцијата. Некои луѓе можеби ќе ја споредат тематиката со уште еден француски филм, „Сина е најтоплата боја“ од 2013 година, но каде што тој филм на моменти се „дави“ во сексуализација, нијансите и нежноста во „Портрет на дамата во огнот“ го прават еден од најважните феминистички остварувања во 21 век.

Мариане (Ноеми Мерлант) е независна, немажена сликарка во Франција при крајот на 18-тиот век.Нејзиниот животен стил е привилегија во тоа време поради наследството на нејзиниот татко. Нејзиниот живот сепак е далеку од лесна бајка па се нафаќа да наслика портрет на млада жена (Адел Ханел) на живописен, но речиси пуст остров. Настаните кои следуваат се проследени со наплив на чувства, толку суптилно и паметно осмислени што ја оправдуваат секоја минута потрошена за развој на карактерите. Генијот на Сјама доаѓа во израз преку еволуцијата на двете хероини кои полека „процветуваат“ пред очите на гледачите и се развиваат во жените кои што треба да бидат.

„Кога ме праша дали сум била заљубена, можев да одговорам позитивно. А тоа е сега.“ вели Мариане, проследена преку ладните бои на леќата на Клер Матон. Тимот од Сјама-Матон успева во хет-трик на сценарио, режија и кинематографија кои се совршено синхронизирани во заедничка игра со динамичен и интензивен климакс. Камерата суптилно и внимателно ги следи контурите на двете жени кои полека ги сфаќаат романтичните чувства кои ги имаат една за друга, без тоа да биде вулгарно ниту нападно. Живописните позадини на природата се ефективни реквизити за моќни кадри кои успеваат да го трансформираат гледачот од пасивен набљудувач до активен учесник во танцот на сраста помеѓу двата главни ликови.

Музиката на Артур Симонини и Жан-Баптист де Лаубер паметно се потпира на светот креиран од Селин Сјама и само додава суптилни ноти на нежност и интензивност каде што тоа е потребно. Ненаметлива како и самата режија, мелодијата која ги следи погледите на двете жени го засилува чувството на занес и привлекување, како кон приказната за гледачот така и за страста помеѓу двете жени.

„Портрет на дамата во огнот“ е супериорен мал, интимен филм кој иако зборува за настани од минатото, резонира со денешницата. Женската перспектива никогаш не била поважна, а наше е да се бориме за да стане норма.
5/5
Петра Бранковска