Тенка е линијата помеѓу сонограм од очекуваната принова и купче концептуални цртежи за ново уметничко дело кое бара долг период на инкубација и работа за да го види „светлото на денот“. Ова е недвосмислената порака која ја испраќаат режисерите Јанг Сун и С. Леон Чианг во почетните минути од „Нашата временска машина“. Ваквиот едноставен, а ефективен избор на кадри е првиот патоказ за двете испреплетени патувања низ времето, обработени во (релативно кратки) 81 минути. Успешно балансирајќи помеѓу “making of” документарец за најновиот професионален проект на главниот лик Малеон (етаблиран мултимедијален уметник од Кина) и интимен портрет на неговото семејство, „Нашата временска машина“ е модерна медитација за минливоста на животот.

На почетокот на својата четврта деценија (што лесно би можело да се квалификува и како период зрел за средовечна криза), Малеон одлучува дека следниот проект на кој ќе работи ќе биде научно-фантастична театарска претстава за еден син кој гради временска машина за сопствениот татко чии сеќавања полека избледуваат. Инспирацијата за ова потекнува токму од секојдневната борба со деменција низ која минува таткото на Малеон, Ма Ке – пензиониран театарски режисер кој во времето на Културната револуција во Кина бил испратен да работи на плантажи со памук. Иако на почетокот се согласува да учествува во режисерскиот процес заедно со неговиот син, Ма Ке подоцна заборава дека некогаш го направил тоа, а уште помалку ја памети и премиерата на претставата во чие создавање учествува(л). „Во свое време бев најстрогиот режисер и поставив над 80 претстави во пекиншката Опера“ – често повторувана во филмот, оваа реченица е сидрото-спасител на Ма Ке секогаш кога збунето зборува за сопствениот идентитет и се обидува да разбере зошто не памети настани кои, според луѓето околу него, лично ги посведочил.

Токму честите моменти каде камерата се фокусира на Ма Ке и неговото кршливо Јас се меѓу најболните сцени во документарецот. Освен што сликовито ги претставуваат промените во животот на Малеон и неговото семејство, овие сцени експлицитно посочуваат и на универзалноста на неговата идејна срцевина – потешкотиите кои ги носи прифаќањето на сопствената и смртноста на нашите најблиски, но и на делата од нашата работа. Како директен контраст на универзалноста на оваа борба е претставена релативно привилегираната позиција од која ја доживува Малеон – наместо да поминува квалитетно време со сопствениот татко додека деменцијата не ги избрише и тие малку сеќавања што му останале од животот долг еден век, Малеон одлучува дека е поважно целата своја енергија да ја насочи кон претставата инспирирана од и посветена токму на Ма Ке. Освен оваа морална дилема, документарецот суптилно и малку наивно ги отвора (без да навлезе во нив) и прашањата за исправноста на препуштањето на секојдневната грижа за родителите на професионалци кои работат во домови за стари лица, одржливоста на „воркохолизмот“ и перфекционизмот како мерила за успешност во сопствената професија, функцијата на уметноста во општеството и финансиските импликации кои произлегуваат од неа.
Сепак, оваа низа отворени теми не изгледа како непланирана „кривина“ на патот поради фокусираниот раскажувачки тон на режисерите Јанг Сун и С. Лео Чианг, кои одиграле повеќе улоги во создавањето на документарецот. Како сниматели, режисерот Сун, заедно со Шуанг Линг, изградиле природен однос со Малеон, неговото семејство и тимот што работи на претставата, без притоа да влијаат на автентичноста на нивното однесување пред камерата. Слично на ова, заедно со Боб Ли (кој освен за сценариото, е задолжен и за прецизната монтажа), режисерот Чианг се потпишува и на солидната сценаристичка структура на филмот со јасно назначени временски точки за почеток, средина и крај на дејствието.

Од сонограм и концепт ноти, до премиера на претставата и раѓањето на ќерката на Малеон, „Нашата временска машина“ одлично прикажува низа деликатни моменти на разочарување од животот, без притоа генералната атмосфера да премине во очај и мелодраматичност. Ова мета-дело на три нивоа (филм за претстава за марионети кои Малеон и неговата екипа ги изработуваат од нула) е како руската матрјошка или (ако преферирате локализирани метафори), кромидот симбол на МакеДокс. Доживувањето на документарецот е оставено на самиот гледач и неговата одлука да го излупи кромидот и да се нурне во богатата симболика.
Јована Ѓорѓиовска