Среќно меланхолична, (не)обична љубов

„Доказ за маестралната целина на филмот е фактот дека гледачот полека дознава за сите трагедии што се случиле во нивните животи, но тоа никогаш не е форсирано, туку напротив, предизвикува надежна, среќна меланхолија.“

Кон „Сосем обична љубов“ во режија на Лиза Барос Ца и Глен Лејбурн, сценарио на Овен МекАферти, кинематографија на Пирс МекГрел

Оцена: 4.5/5

Насловот на филмот „Сосем обична љубов“ кој го отворил 64-тото издание на филмскиот фестивал во Корк, Република Ирска, како да кажува сè, но истовремено и многу малку за ова 92 минутно остварување. Приказната е навидум едноставна и тривијална – долгогодишен, хармоничен живот помеѓу двајца средновековни сопружници режиран од луѓе кои самите живеат во брачна заедница. Магијата на филмот е во неговите слоеви кои полека се „лупат“ како кромид – колку подлабоко се навлегува во централните теми и лични битки на главните ликови, толку поинтимно и поемотивно станува целото гледачко искуство.

Џоан (Лесли Манвил) и Том (Лиам Нисон) се „помлади“ пензионери од Северна Ирска кои навидум имаат сè што човек би посакал во подоцнежните години од својот живот – мир, спокој и неизмерна љубов еден кон друг. Нивните денови започнуваат и завршуваат исто скоро секој ден – тие имаат своја патека по која пешачат секој ден за да останат активни, одат заедно на купување и уживаат во удобноста на својот дом. Нивната врска е сосема нормална како на било кој пар – нонстоп се задеваат на сметка на другиот, се потскаруваат за тоа дека Том не треба да пие толку пиво и да јаде повеќе здрава храна, итн. Идилично, но тривијално постоење.

Оваа нивна рутина се превртува наопаку веднаш штом на Џоан и е дијагностициран рак на дојка. Послабо режиран филм во овие моменти сигурно би потфрлил затоа што оваа тема не е недопрена, ниту пак малку обработена. Режисерското дуо на Барос Ца и Лејбурн ја прикажува заедничката борба на двајцата сопружници доста мудро и суптилно, со топлина која предизвикува ракот да заземе споредна улога во сценариото. Фактот што и самите тие се заедно дава уникатна перспектива врз љубовта, страдањето и истрајноста која Том ја чувствува кон Џоан, што ја прави оваа приказна универзална во својата моќ да допре до илјадници луѓе со различни животни искуства.

Убавината е во деталите, а камерата на Пирс МекГрел која будно ги следи сите најмали гримаси на ликовите, комбинирана со минималната музика на Дејвид Холмс и Брајан Ирвин, дозволува сценариото да се развива полека, сигурно, и да предизвикува атмосфера која во секој момент е неизвесна, помалку тензична но никогаш „празна“. Доказ за маестралната целина на филмот е фактот дека гледачот полека дознава за сите трагедии што се случиле во нивните животи, но тоа никогаш не е форсирано, туку напротив, предизвикува надежна, среќна меланхолија.

Режисерите како да одбрале магичен пар на маестрални изведувачи во ветераните Лесли Менвил и Лиам Нисон. Личната трагедија на ирскиот актер несомнено придонесува кон дозата реализам со која тој го глуми Том – од тивките и лути кавги полни со гнев, до горките солзи и погледот полн со љубов кои обајцата го имаат додека се караат поради последиците од болеста. Навистина, една сосема обична љубов.

Петра Бранковска