Горчливиот живот на маргините на општеството

„Немањето иднина и неможноста да се побегне од стегите на сиромаштијата се главните теми кои ги обработува Пенета преку две паралелни раскажувачки линии, сместени во Сицилија.“

„Сите среќни семејства наликуваат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин.“ – Толстој 

Познатиот цитат со кој Толстој го започнува романот „Ана Каренина“ е можеби најдобриот начин да се опише горчливиот вкус во устата кој го остава швајцарско-италијанскиот „Мое тело“. Режисерот Микеле Пенета го фокусира документарецот токму на разликите во животните искуства на двата (несреќни) главни ликови (тинејџерот Оскар и младиот мигрант Стенли), притоа акцентирајќи го фактот дека животот на маргините на општеството е ужасно тежок. Немањето иднина и неможноста да се побегне од стегите на сиромаштијата се главните теми кои ги обработува Пенета преку две паралелни раскажувачки линии, сместени во Сицилија. 

Таткото на Оскар (намќорест човек кој љубовта за синовите ја изразува преку навреди) собира и препродава железен отпад за да го прехрани своето семејство, а во дневните потраги на дивите депонии најчесто му помагаат Оскар и неговиот брат. Во семејната куќа, неудобната тензија помеѓу членовите на семејството е тивка, но присутна во буквално секој кадар. Ужасните односи делумно потекнуваат од разводот на родителите на Оскар, по што следувало судење во кое мајката на Оскар ги приморувала него и неговиот брат да сведочат дека татко им ги тепал и им се заканувала со убиство доколку не го сторат тоа. Откако слегнала метафоричната прашина по судењето, Оскар (кој е во екот на својата адолесценција) живее со татко му и неговата нова сопруга. Во овие услови, тој среќата ја наоѓа во мали нешта како возењето велосипед со брат му и кратката дремка на задното седиште од семејното возило по напорен работен ден. 

Слично на него, Стенли (мигрант од Нигерија) својата слобода ја ужива најмногу во можноста да игра кошарка и да се забавува со пријателите. Иако има две годишна виза за престој во Италија, тој одбива да ја напушти Сицилија во потрага по подобар живот и го поддржува својот цимер во долгото чекање на судската одлука за неговото барање за азил. Стенли заработува едвај доволно за живот преку ниско платени физички работи, а се прехранува со намирниците кои ги добива како надомест за чистењето на локалната црква. Кога ќе стигне веста за одбиеното барање за азил, од филмот целосно исчезнува другарот со кој Стенли до тогаш буквално дели и добро и лошо (иако најчесто публиката е сведок на нивните конфликти).  

Токму одлуката на режисерот да се фокусира на негативните искуства на Оскар и Стенли (особено нагласена преку монтажата на Орсола Валенти и Дамиан Пландолит) е централниот столб на „Мое тело“. Речиси и да нема ниту една сцена во која нема некаква „горчлива“ појава – од надменост, сиромаштија и безобразен однос кон блиските, до семејно насилство, преферирање на алкохол и цигари наместо сопствените деца и занемарување на нивните потреби и желби. Ова го отвора прашањето дали потребата за ваквиот пристап кон животните приказни на Оскар и Стенли во себе содржи повеќе меланхолија и сочувство или воајеризам и љубопитност. Одговорот на ова прашање станува уште поважен во финалето од филмот, за време на сцените пред и по единствената (очигледно изрежирана) средба на Оскар и Стенли. Во овие моменти, гледачот е или толку многу загрижен за главните ликови што еден неочекуван настан ќе предизвика голема вознемиреност, или пак дотогашната прекумерна тензија во филмот ќе доведе до десензитивизација и рамнодушност. Сепак, она што води до емпатија кај гледачот во поголем дел од филмот е одлуката да им се дозволи на крупните кадри од лицата на Оскар и Стенли и атмосферските звуци во сцените да „зборуваат“ за бурите во нивните внатрешни светови. Во филм во кој дури и шегите се најчесто за смрт и неморални постапки, оставањето на гледачот да ги разбере потешкотиите со кои се соочуваат Оскар и Стенли без било каква помош од филмската екипа, осцилира помеѓу сирово претставување на сиромаштијата и поетична приказна за издржливоста на сиромашните луѓе. 

На крајот од „Мое тело“, неизбежно е разбирањето на парадоксалната ситуација во која се наоѓаат Оскар и Стенли. Иако првично го одбрале моменталниот начин на живот (Оскар со одлуката да живее со татка си, а Стенли со останувањето во Сицилија), надевајќи се дека така ќе стигнат до посакуваните безбедност и удобност, и двајцата се во незавидна позиција, „затвор“ направен од сопствените одлуки од кој тешко е да избегаат. 

Јована Ѓорѓиовска