Младински Филмски Фестивал, годинава за првпат самостојно одржан, е фестивал на кратки филмови за автори до 24 години. На 28 и 29 август во дворот на Кинотеката се одржаа двете фестивалски вечери со вкупно 20 кратки филмови распоредени во 3 категории.
Организаторите на фестивалот во едно интервју (линк), ја нагласуваат потребата од млада фестивалска публика која ќе создаде здрава културна средина и поле за проток на критичка мисла. Сосема се согласувам за важноста на покажување обостран интерес, оттаму и овој текст. 🙂
Неколкуте сцени што ги имав ѕирнато од филмот „Ќе му се јавам на татко ти“ на Леон Ристов, а кои особено ми се допаднаа, ме убедија да се посветам на филмовите од домашната програма. Како позитивна карактеристика на целата домашна програма е одличната кинематографија која зборува повеќе од самата нарација и дијалозите како нејзина форма. Поради проблемот што го третираат, избрав да го дадам мојот личен суд за двата кратки филма на Ристов и Сарчевски, во две кратки рецензии.

Во „Ќе му се јавам на татко ти“, средношколецот Дамјан (Александар Андоновски) е претепан од маалски врсници, па мајка му (Николина Кујача) можноста за решение на проблемот ја префрла и наоѓа во поранешниот сопруг (Оливер Митковски) кој возвраќа со насилство. Далечината од која е прикажан Дамјан на почетокот на филмот, укажува на проблемот на врсничко насилство – сѐ уште како минорен, занемарлив и проѕирен во градскиот пејзаж. Рецептот по кој е изведен филмот е совршен баланс помеѓу мирната, неподвижна камера и напнатоста на дејството.
Детските погледи прашуваат и очекуваат многу, а она на што се надеваат се родителска поткрепа и заштита. Но, често тоа што се очекува од родителска страна, останува со несоодветен одговор. Иако можеби повикот за помош од таткото делува како прилика да се одржува блискоста меѓу него и мајката, откако тој ќе ѝ „даде извештај“ за навидум решениот проблем, мајката настапува со детската одлука на инаетливост наместо благодарност. Префрлањето и наметнувањето на проблемот на друг, наместо споделување и соработка, е чин на себичност и детска пресметливост, која во филмот е присутна кај родителите. Така прикажувајќи ги, Ристов успева да допре до семејните улоги, меѓусебните односи и односот родител-дете.
Филмот на Сергеј Сарчевски го согледува немирот и чувството на безизлезност на првиот ден на студент (Јан Креватин) во странство. Она што често во филмовите е резервирано за внатрешен монолог на ликот, тука е заменето со телефонски разговори, па тие се и самата нарација. На таа основа се придружува музиката, наместо градските звуци, која дава слично чувство на исчекување. Движечката камера која насекаде го прати ликот додава поголема динамика во чувството на несигурност. Зборови кои делуваат како татнеж од небо се зборовите на неговата фамилија и пријатели, особено последната порака од неговата мајка.
Она што е особено значајно е дека младите режисери избрале секојдневни теми, но ги сработиле на несекојдневен начин. Пример за тоа е внесувањето на комплетно нов лик – човекот со непријатната постапка во метрото во филмот „Што крие дождот“ и бизарниот момент кога таткото дознава дека Дамјан е претепан од врсници, а помалата сестра Бисера (Стефанија Јовческа) посетува часови по карате во „Ќе му се јавам на татко ти“.
Бојана Исијанин