„Ода на љубовта“ преку призмата на разводот

„Накитена со 6 номинации за Оскар, не е оптимистичко предвидување дека оваа 137 минутна продукција на „Нетфликс“ ќе биде зборувана и препорачувана со години нанапред поради интелегентното, остроумно и срцекршачко сценарио и „мастеркласот“ на глума од Адам Драјвер и Скарлет Јохансон.“

Кон „Брачна Приказна“ во режија и сценарио на Ноа Бомбех, кинематографија на Роби Рајан

„Брачна Приказна“ е совршено мал, интимен, интензивен филм кој го заслужува секое признание кое може да биде дадено за целосната продукција и екипа. Ова е несомнено храбар исказ во било која смисла, не само како почеток на рецензија излезена од умот на еден човек. Сепак, Ноа Бомбех како да навлегол во архивите на сопствената свесност, чувства и животни искуства за да создаде скапоцен дијамант како круна на својата кариера со што го го потврдува првичниот исказ на овој рецензент. Накитена со 6 номинации за Оскар, не е оптимистичко предвидување дека оваа 137 минутна продукција на „Нетфликс“ ќе биде зборувана и препорачувана со години нанапред поради интелегентното, остроумно и срцекршачко сценарио и „мастеркласот“ на глума од Адам Драјвер и Скарлет Јохансон.

Чарли (Адам Драјвер) и Никол (Скарлет Јохансон) се сопружници кои се во тек на барање за развод. Тој е театарски режисер, таа е актерка. Тој е полн со самодоверба, егоцентричен но многу внимателен и чувствителен татко чија муза е токму неговата сопруга. Таа јаа обожава својата професија иако ја оставила Холивудската слава зад себе за да биде дел од актерската екипа на Чарли во Њу Јорк кој сеуште не го чувствува како свој град. Тие секогаш имале проблеми како и секој пар, но љубовта и почитта кои ги имаат еден према друг и према својот мал син се сеприсутни и целосно конзумирачки. Дури и кога бракоразводната постапка е во тек, тие започнуваат со откривање на работите што ги обожаваат еден кај друг. Но како што ликот на Скарлет Јохансон избувнува во сцена на брилијантно напишан монолог, „..никогаш нема да престанам да го сакам иако повеќе нема смисла“. Сценариото на Бомбех изобилува со суптилни, внимателни и паметни дијалози помеѓу двајцата сопружници но и нивните адвокати, родители и пријатели кои многу често може да се премногу интензивни и драматични (како во сцената на дискутабилно најемоционалната актерска игра во 2019 каде целиот репресиран гнев излегува на површина и од двајцата главни ликови).

Целата тематика и атмосфера совршено се вклопува со творечкиот опус на Ноа Бомбех кој уште од деновите на „Франсес Ха“ па и на „Приказните на Мејеровиц“ како да е опседнат со животите на повисоката средна класа во Њу Јорк. Затоа и естетиката е препознатлива со неговиот уникатен печат на аранжман и камера која интензивно се фокусира на движењето на телото и палетата на силни, есенски бои во Њу Јорк и интензивни, „кичести“ пастели во Лос Анџелес.  Музиката на Ренди Њуман е во извонредна синхронизација со интензитетот на поединечните сцени што дава уште посилен впечаток на гледачкото искуство. 

„Брачна Приказна“ е љубовна приказна. Разводот е последица на љубов која некогаш била и ќе биде засекогаш, иако можеби сопружникот кој некогаш бил за цел живот станува поранешен романтичен партнер. Во зборовите на легендарната Ума Турман, „Јас секогаш ќе ги сакам луѓето кои што сум ги сакала, иако намерно ја преминувам улицата за да ги избегнам“.

5/5

Петра Бранковска