Македонски премиери на МакеДокс 2020

Три кратки рецензии за македонските документарци премиерно прикажани на МакеДокс 2020.

Во август годинава за првпат се одржа хибридно издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс. Освен традиционалните фестивалски денови, ваквата новина овозможи и едномесечно уживање во разновидната селекција преку платформата Cinesquare. Премиерно беа прикажани и три македонски документарни филмови, за кои ги споделувам моите импресии подолу 🙂 

„Сите ќе умреме“ е краток документарен филм (во режија на Сашко Потер Мицевски) кој без влакна на јазикот го обработува погребалниот криминал во земјава. Филмот следи еден од погребалните работници кој раскажува за неговите дилеми помеѓу обезбедувањето финансиска стабилност за семејството и желбата за истражување нови професионални предизвици, подалеку од смртта како последна станица во животот. Иако филмот нема традиционални документаристички обележја (на пр. сезнаечки раскажувач кој би можел да ги стави во поширок општествен контекст изјавите на погребалните работници), тие и не се апсолутно неопходни – настаните кои ги обработува филмот лесно би можеле да се случуваат било каде во земјите во развој или, уште поконкретно, на нашиот Балкански полуостров (како што тоа го дефинира и самиот филм). Блискиот однос со субјектите кој го остварил Мицевски, заедно со одличното темпо на сцените (Сандра Ѓорѓиева), вешто допираат до срцевината – реалноста на погребалниот криминал да не беше тажна, можеби ќе беше смешна.. Или обратно?!   

Нејзиното семејство 2010-2019“ (зад чија режија, сценарио, кинематографија и дизајн на звук се потпишува Елизабета Конеска) е како временска капсула која опфаќа поединечни случувања во животот на протагонистката Мерѓузел во временски период од 10 години. Од големи семејни настани како венчавки и преселби, до традиционални обичаи во Јуручката заедница во Македонија, Конеска најчесто е нем набљудувач и самата ја насочува камерата кон она што го привлекува нејзиниот истражувачки интерес. Велам најчесто поради тоа што во еден дел од филмот, од улогата на визуелен антрополог Конеска свесно преминува кон пријателски однос со Мерѓузел. Токму ваквиот премин ја создава клучната емотивна нишка во оваа лекција по етнолошка кинематографија и истражувачка етика. 

„Професорот“, во режија на Јордан Дуков, е 75 минутен омаж за ликот и делото на гевгеличанецот Илија Џаџев, познат по своите бесплатни концерти низ светот отсвирени на неговата хавајска гитара. Дуков и неговите соговорници заземаат по малку дистанцирана позиција кога зборуваат за Џаџев и речиси постојано го адресираат со полно име и презиме, што додава на перцепцијата за емоционална дистанца. Па така, филмот главно се фокусира на уметничките постигнувања и генерално инспиративната животна филозофија на гевгеличанецот, со многу ретки информации за неговиот приватен живот и внатрешен свет. Медиумските архиви и редовите авторска поезија на Џаџев „расфрлани“ низ филмот ја дополнуваат приказната раскажана преку релативно традиционалните, но вкусно снимени кадри (заслуга на Доријан Миловановиќ и Кристијан Караџовски). Монотоната нарација од страна на режисерот дополнително ја акцентира авторската музика од самиот Џаџев, насочувајќи го метафоричниот рефлектор кон неговото културно наследство. 

Јована Ѓорѓиовска