Кон филмот „Малите жени“ во режија и по сценарио на Грета Гервиг, по истоимената книга на Лујза Меј Алкот, музика на Александар Десплат, главни улоги на С. Ронан, Е. Вотсон, Ф. Пуг, Е. Сканлен, Т. Халамет, Л. Дерн, Л. Гарел…
Американската драма „Малите жени“ е базирана на истоимената книга која го опишува животот на четирите сестри, Џо, Мег, Бет и Ејми по Граѓанската војна во Америка. Гледајќи на овој филм како седма по ред адаптација на книгата на Алкот, Гервиг уште еднаш успеа да изрежира една драма која го прикажува периодот по големиот американски внатрешен судир.

Режисерката на филмот направила добра рамнотежа со доделувањето на улогите во филмот: низата на млади и сакани-од-сите актери Серси Ронан, Ема Вотсон и Тимоти Халамеј наспроти искусната Мерил Стрип дава динамичност, па и некаква сплотеност меѓу нив. Соработката на режисерката Гервиг и актерката Ронан, која веќе е на добар почеток (уште од оскаровски номинираниот „Бубамара“ понатаму веројатно ќе прерасне во голема цврста двојка во филмскиот свет).

Средината на 19 век во Америка е период кој има свои конкретни обележја, меѓукои поделбата на класи, расната дискриминација и проблемот со ропството. Кинематографијата и сценографијата се очекувани за филмот, тој не изобилува со нагли промени во кадрите кои пак се далеку од новост и креативност. На квалитетот и адекватноста на костимите му се даде простор со добиениот Оскар за најдобар дизајн на костими.

Јасно е дека мајката на четирите сестри треба да има улога на решавач на проблемите и дисбалансот кои искрснуваат помеѓу мислите и постапките на нејзините ќерки. Но таа и не е толку строг лик, бидејќи наметнувањето на тетка Марч е многу поистакнато, како и отсуството на таткото во кревкиот период на воспитување на ќерките. Бунтовноста на Џо, за режисерката Гервиг, е одличен начин како да се продре до една многу актуелна и современа тема, а тоа е родовата борба. Нејзиниот црвст карактер, понекогаш ја одзема нагласената тема на соединето сестринство во филмот, што и не е така лошо. „Ако сакам да ја втурнам мојата хероина од романот во брак за пари, тогаш и јас ќе земам дел од нив“ строго одговара Џо на идејата за лик на омажена жена на својот издавач. Таа е во конфликт со стандардните принципи на тоа како жената е третирана во тоа општество. Џо е искра која сака да се измолкне низ темнината со своите искрени мисли дека жената е многу повеќе од само објект на убавина и љубов.

Бидејќи обработувањето на еден ист период знае да биде здодевно и да делува повторувачки, постојаните ретроспекции во времето го прават филмот динамичен, а црвената книга која е и почеток и крај дава компактност на филмот.
ОЦЕНА: 8/10
Бојана Исијанин