Оцена:7/10
,,Љубовта го исфрла стравот, а благодарноста може да ја победи гордоста.” – Луис Меј Алкот
„Мали жени“ е американска романтична драма кој го прикажува семејството на Луис Меј Алкот во виорот на граѓанската војна. Филмот, во режија на Грета Гервиг, е адаптација на истоимената книга на авторката Луис Меј Алкот. Историските војни, често претставуваат мотив за филмските режисери. Ентузијазмот, и исчекувањето на славна историска војна да биде проследена повторно преку филмската уметност е вообичаено прифатлива од страна на публиката. Но, како војната го обликува светот и секојдневието на обичното семејство? Како, едно семејство како архтеип, е засегнато од граѓанската војна која се води на далечина од 700 милји на југот? Зарем војната се води само на еден фронт? Се води и на едно поле, далеку од куќата во Конкорд, Масачусетс, на шестчленото семејство сочинето од шест женски ликови, мајката Марми (Лаура Дерн), тетката Maрч (Мерил Стрип), сестритe Мег (Ема Вотсон), Ејми (Флоренс Пју), најмладата Бет (Елајза Сканлен) и највозрасната сестра Џо (Серса Ронан).

Мајката Марми како глава на семејството, поддржувана од тетката Марч, се грижи за девојките самостојно, откако нивниот татко е приморан да учествува во американската граѓанска војна. Станува збор за матријархално семејство на компромиси кое се бори да преживее заеднички, поради отсуството на таткото. Меѓутоа, Марми, заедно со своите ќерки и тетката Марч, директно им помага на другите сиромашни семејства во духот на христијанството. На друго поле, највозрасната сестра далеку од својот дом, се труди да го издржува семејството пишувајќи романи во Лондон, додека на семејството му недостасува татко. Џо Марч е неуредна девојка која одбива да живее во едно елегантно снобовско општество, па ги поминува ноќите пишувајки раскази и романи, ослободувајќи ги принцезите од нивните предвидени ,,среќни краеви”. На овој начин таа ги одговара прашањата на егзистенцијализмот во свој женски глас. Иако Џо Марч се преправа дека застапува второ лице пред издавачот, таа добива индиректни остри критики за женскиот лик во нејзините дела. Коментарот и критиката се одраз на машката доминантност во 19 век.
Проследувајќи го ликот на Џо Марч, гледачот добива слика за штурата еманципација на жената во 19 век. На самиот издавач му е дозволено преку еден роман да контролира што би требало да се чита, кога војната е пред својот крај. Пресудувајќи како треба жената во 19 век да заврши, односно дали да се омажи, или сурово мелодрамски да умре, согледуваме или-или ситуација во која изборите не се разликуваат многу сами по себе. Кога би требало женскиот лик да биде дефиниран во 19 век се чини дека тоа би било оставено на машката фантазија. Но овој филм е женска реалност во ,,машки свет’’.

Џо Марч воопшто не е таква девојка, или можеби „дама“ поради неугодноста на игранката, на која таа влегува во една темна просторија каде што го запознава Лори, редок меѓу машките ликови во филмот. Присуството на машките ликови во филмот е еднакво ретко како и тоа на говорот, кој е редуциран на минимум. Лори е проекција на романтичниот лик на Вертер, а Џо случајна или намерна алузија на преубава девојка, чиј лик потсетува на Венера, позната по нејзините романтични интриги и афери со смртниците, во корелација со позитивните и негативните аспекти на женственоста.

Режисерката Грета Гервиг успева да проектира слика за убава жена прифаќајки ги мотивите од ренесансниот сликар Сандро Ботичели, притоа надополнувајќи ги карактерните вредности на главната улога (Џо), за успешно да ја комплетира убавината на женскиот лик. Остварувањето на филмот ,,Мали Жени” револуционерно го отвора патот кон согледувањето на влијанијата кои го дефинират факторот на убавина, пласирајќи ја вистинската важност на феминизмот во 21 век во светот. За ова, филмот доби шест номинации за Оскар, меѓу кои и тие за најдобра главна и споредна женска улога.
По гледањето на филмот, се поставува прашањето дали пожртвуваноста на Џо Марч резултира со успех на сите полиња? На крајот, кога се трага по среќа, скромноста е насока кон неа.
Андреа Алтипармакова