режиja: Серхио Паблос; сценарио: Серхио Паблос, Зек Луис, Џим Махони; улоги: Џејсон Шварцман, Џ. К. Симонс, Рашида Џоунс
Од многуте приказни за Нова Година и празничната зимска сезона, најмногу отстапува онаа за Дедо Мраз. Во 2019 ја видовме т. н. приказна за потеклото (origin story) на еден стриповски негативец – Џокер, но Серхио Паблос реши да направи исто таква приказна за Дедо Мраз која помалку беше експонирана поради тоа што е во форма на анимиран филм. Во една крајно човечка, емотивна и поучна сказна во филмот ,,Клаус” Паблос го лоцира почетокот на мисијата на Дедо Мраз да го направи секое дете среќно за празниците од најнесреќниот град на светот – Смиренсбург. Филмот е ехо на класичната анимација од деведесеттите години на Дизни, како и дело кое се цементира оваа година како празничен класик. Номиниран за Оскар за најдобар анимиран филм.

,,Клаус” го следи дејството на спријателувањето на еден повлечен и изолиран изработувач на играчки и еден разгален младич во улога на поштар. Поаѓајќи од два многу специфични лика Паблос ја гради мистиката околу гратчето кое е опкружено со омраза и несреќа на своите жители кои задоволството го црпат од мизеријата на другиот. Во една таква дехуманизирана средина каде што Смиренсбург е центарот на битката на два завојувани семејни кланови светлината ја носи еден многу неочекуван гостин, кој работејќи за себични причини несвесно ќе придонесе до радикалната промена што ќе го промени градот засекогаш. Џеспер Јохансон е синот на директорот на светската пошта, кој е најнеуспешниот поштар во историјата, за казна, татко му го праќа во најизолираното место на светот, Смиренсбург за да му одржи животна лекција. Џеспер доживува една огромна трансформација во својот лик така што од првата до последната минута тој полека се менува во својата комплетна спротивност. ,,Клаус” е приказна на промени, како што ликовите растат и се развиваат така ја менуваат и заедницата, пошироко и градот, и најшироко и светот. Џаспер станува емпатичен и свесен за влијанието што добрите дела и љубовта го имаат врз луѓето. Анимираните филмови често имаат универзалистичка порака, но ретко кога се толку често фокусирани и за растот и еволуцијата на ликовите кои љубовта ги менува од разгалени неранимајковци во посветени татковци, од столари во дедомразовци, од град опиен од зло, во град кој ја носи добрината во целиот свет.

,,Клаус” е многу нетипичен пример на успешниот продукциски гигант ,,Нетфликс”, за филм кој делува во етичките димензии на гледачот. Целата визуелна и анимациска мајсторија е во служба на тие етички поуки кои извираат од секој разговор и средба на ликовите во филмот. Промената во филмот е претставена и со движење, географско, од град во град. Измислениот свет во кој опстојува Смиренсбург е алузија на нордиските и северни краишта на нашата земја. Со тоа филмот е доволно реален и нереален истовремено да зборува и да не постоветува дека гледаме нешто кое набрзо ќе се поистовети со нашите мислења и митови за Дедо Мраз. Ликот на Клаус е замрачен и човечки растроен, но длабоко во него се нассетува дека е роден за поголема визија од онаа што ја гледаме. Неговта комуникација со ,,нешто невидливо” дава одредена доза на мистика на филмот, каде одговорите на сите прашања не ни се туку-така дадени. Просторот оставен за интерпретација и ре-интерпретација на филмот совршено се совпаѓа со неговата маркетинг улога, а тоа е да биде гледан и прегледуван секој сезона за време на празниците, нешто што често се случува со приказните како ,,Божиќна приказна” на Чарлс Дикенс и филмскиот класик на Френк Капра ,,Животoт е прекрасен”. Тие приказни повеќе се паметат за поуките од кои ние ги вадиме од нив, каде навистина се гледа подзаборавената улога на филмот да го менува општеството и гледачот.

Кирил Дончов