Смела продукција на која иронично ѝ недостига храброст

"Сама по себе идејата е многу храбра, иако се граничи со етиката околу пристојноста и добриот вкус. Тогаш се поставува прашање, дали оваа смела продукција вреди? И да, и не."

Кон „Зајакот Џоџо“ во режија и сценарио на Тајка Ваитити, кинематографија на Михаи Малаимар

Тајка Ваитити ненадејно се прослави во 2014 година со неверојатниот мокументарец „Што правиме во сенките?“, и од тогаш до ден денес се чини дека неговиот бренд на хумор е баран насекаде. Неговата брилијантност ја „живна“ и најслабата трилогија од Марвел филмовите, оние за богот на грмотевицата Тор, и направи од Крис Хемсворт неочекувана комична сензација. Сепак, неговото најново остварување „Зајакот Џоџо“ (кој патем се закити со 6 номинации за Оскар) се фокусира на многу чувствителна тема – онаа за нацистичка Германија и животот на едно младо момче чиј херој е токму Хитлер. Сама по себе идејата е многу храбра, иако се граничи со етиката околу пристојноста и добриот вкус. Тогаш се поставува прашање, дали оваа смела продукција вреди? И да, и не. 

Џоџо (Роман Грифин Дејвис) живее во неименуван град во нацистичка Германија со својата мајка Рози (Скарлет Јохансон) и со еврејката Елза (Томасин Мекензи – за која не е свесен во првиот дел од филмот) која мајка му ја крие во собата на починатата сестра. Џоџо го смета токму Хитлер (Тајка Ваитити) како свој најверен другар кој треба да го направи горд така што ќе научи да фрла рачни бомби и ќе се бори за Германија. Сепак, Џоџо по природа е мирен и плашлив, па полека дознава за вистинскиот свет околу себе. Неговиот лик е совршено напишан и замислен како невино дете кое е обземено од пропаганда, но учи сè повеќе и повеќе за вистинските вредности во животот . Малечкиот Роман Грифин Дејвис е вистински погодок за ликот на Џоџо и е несомнено најсилната алка во доста поделен филм. Проблемите на сценариото најмногу се изразени во ноншалантните хумористични моменти кои како да сакаат да го искритикуваат целиот нацистички систем, но никогаш вистински не го прават тоа. Ликот на генералот (Сем Роквел) чија негрижа доведува да Џоџо во еден момент сериозно се повреди е трагично слабо напишан. Тој поминува низ неколку фази на лошо однесување за да конечно се заклучи дека тој е некаква татковска фигура, што воопшто нема смисла – ни наративно ни етички. Не постои никаква глорификација на злосторните акти, затоа што сепак филмот се рекламира како приказна против омразата, но Тајка Ваитити никогаш не оди доволно далеку за да го заслужи терминот „сатира“.

Љубителите на модерната кинематографија може лесно да го забележат естетскиот избор во однос на продукцискиот дизајн и камерата. Очигледно е дека тие се инспирирани од Вес Андерсон и неговите дела за да се креираат сцени кои изобилуваат со костуми во јаки бои, бајковити згради и шуми. Сепак, печатот на Тајка Ваитити е сеприсутен, па нема конфузија во однос на филмскиот идентитет.

Со генерално солидни актерски перформанси и кохерентен тек на дејство, „Зајакот Џоџо“ е вообичаен, добро направен филм кој со сигурност ќе ги задоволи апетитите на типичниот гледач. Штета е што му недостига храброст да биде повеќе од тоа.

3.5/5
Петра Бранковска