Глобалниот фестивал „Сите сме едно“ имаше 300 илјади гледачи

Разговаравме со Матилде Анро - коосновач на Festival Scope, селектор на филмските фестивали во Сараево и во Локарно, претставник на фестивалот во Локарно на иницијативата "We Are One".

Разговаравме со Матилдe Анро има богата кариера во филмската индустрија и незапирлива желба за споделување на своите искуства и ставови. По долгогодишна работа како продуцент, во 2010 ја коосноваше платформата Festival Scope, а селектор е и на филмските фестивали во Сараево и во Локарно. Повод за нашиот разговор беше вклученоста на Матилда во програмирањето за иницијативата „We Are One“ („Сите сме едно“) како претставник на фестивалот во Локарно, но поразговаравме и за другите професионални ангажмани што ги има, како и за влијанието на пандемијата со Ковид-19 врз филмската индустрија.

ЈЃ: За почеток, да поразговараме за иницијативата „Сите сме едно“ која, освен што понуди нов пристап во одржувањето на филмски фестивали, интересна е и по тоа што ги сплоти фестивалите кои обично се конкуренција едни на други. Како би ја опишале идејата позади иницијативата? 

МА: „Сите сме едно“ започна како многу убава и благородна идеја која ги сплоти фестивалите, а се случи по иницијатива и во организација на Филмскиот фестивал во Трибека. За мене лично, ова е повеќе некој вид комуникациски настан отколку филмски фестивал. Има голема разлика помеѓу еден ваков собир на позначајните фестивали и различните програми што тие можат да ги понудат, и филмските фестивали кои поради корона кризата мораа комплетно да ги откажат своите годинешни изданија во живо и да се префрлат онлајн. За мене, оваа иницијатива е добра идеја и привлече доста внимание кон фестивалскиот свет, а се надевам собра и доволно финансии за донации. Сепак, далеку е од тоа како се прави програма на еден фестивал. 

Како би го опишале процесот на изработување на глобалната програма на „Сите сме едно“, во кој учествувавте како претставник на фестивалот во Локарно? Имаше ли специфична порака, цел кон која се фокусиравте кога одлучувавте?

За сите фестивали важеше правилото дека можеме да презентираме содржина во максимално времетраење од 4 часа, која беше неопходно да е достапна насекаде низ светот. Немаше можност за исклучоци, напротив, целта беше сите содржини да се достапни насекаде. Имајќи предвид како заработуваат филмовите и нивниот бизнис модел, кој се базира на продавање на правата, главните фактори со кои се дефинира нивната успешност се време и простор. Поради ова, за нас беше многу, многу тешко да најдеме долгометражни филмови кои би биле достапни во целиот свет на Јутјуб. 

Меѓу опциите беа нови филмови што ја имале својата премиера во Локарно минатата година, биле на неколку фестивали и сè уште целат кон тоа да се на што повеќе фестивали, па ако ги ставиме на Јутјуб, веќе ниту еден фестивал нема да ги стави во својата програма. Другата опција беа секако класиците, кои се или заборавени (најчесто поради добра причина, но можеби не секогаш) и за нив би можеле да ги добиете правата, или не се заборавени и правата се во рацете на дистрибутерите. А иако е технички возможно да се направат географски блокови со различни програми, организаторите од фестивалот во Трибека одлучија да не се оди со тој модел. 

Од гледна точка на Локарно, ние одбравме да прикажеме две одлични мастеркласи кои, според нас, се многу актуелни и релевантни за иницијативата „We Are One“. Првиот беше со актерот Сонг Канг-хо (главниот лик во „Паразит“, кој ја доби Наградата за исклучителност на минатогодишното издание на фестивалот) и со режисерот Бонг Јон-хо, модериран од страна на Оливие Пере (кој до неодамна беше уметнички директор во Локарно). Втората мастеркласа беше со Џон Вотерс по повод неговата Награда за животно дело, модериран од страна на Алберт Сера. 

Сега откако поминаа неколку недели од крајот на првото издание на „Сите сме едно“, какви се вашите импресии? Како беше прифатена оваа идеја од страна на филмските професионалци и публиката низ светот? 

Генерално, мислам дека една од добрите страни е тоа што ги потсети сите што е, всушност, еден филмски фестивал и што работат филмските професионалци, даде поширока интернационална слика околу работата на филмските фестивали, која можеби не им е до толку позната на обичните гледачи. За нас не беше многу стресно, но организаторите од Трибека го понесоа најголемиот дел од товарот. Ако ги погледнеме работите од друга перспектива, фестивалот од Локарно само што објави една нова иницијатива „Films After Tomorrow” и тоа од нас како тим бара многу повеќе работа и труд. За разлика од „We Are One“, што е супер иницијатива и нашите обврски беа релативно едноставни, „Films After Tomorrow” бара од нас многу повеќе труд, поради тоа што директно им помага на продукциските куќи кои работат на одбраните филмови, а на кои кризата со ковид-19 им влијаеше негативно.  

Пред да преминеме на оваа иницијатива, би сакала да ве прашам, дали според вас би можеле да очекуваме следно издание на „Сите сме едно“ во 2021 (дури и ако корона пандемијата биде надмината)?

Зошто да не, само не верувам дека ќе се случува во исто време со Канскиот фестивал… Веројатно ќе зависи многу од тоа колку фестивалите се задоволни од првото издание. Секако, ќе биде и прашање за тоа како еден филмски фестивал да ги засени другите фестивали кои му се конкуренција?! Знаејќи дека целата иницијатива беше спонзорирана од Јутјуб, претпоставувам дека фестивалот во Трибека ќе сака да се одржи второ издание. Знаете како работи ова со фестивалите – штом убедите еден од нив, потоа е лесно да ги убедите другите, кажувајќи им кого веќе сте убедиле. Годинава организаторите од Трибека имаа одличен тајминг – кога нè контактираа нас, ние уште не знаевме дали воопшто ќе можеме да го одржиме годинешното издание во Локарно. 

Да преминеме на вашата работа на фестивалот во Локарно, кој е можеби помал од другите фестивали, но е многу релевантен за љубителите на филмот и филмските професионалци. Имајќи предвид дека станавте селекторка во 2019 година и имате едно „физичко“ издание на фестивалот зад себе, а годинава имавте и нови предизвици како „We Are One“ и „Films After Tomorrow“, како изгледа овој дел од вашата кариера? 

Фестивалот во Локарно има многу силна врска со публиката и тоа е многу важен дел. Секоја година го посетувам Локарно во периодот на фестивалот, заедно со Алесандро со кого ги коосновавме платформите Festival Scope и Festival Scope Pro. Од самото основање на платформите, значи веќе 10-тина години, имаме партнерство со фестивалот во Локарно, па го познавам многу добро. Огромно е задоволството да се биде селектор и искуството е одлично. Имате можност да гледате многу филмови, некои од нив се екстремно лоши, некои се само малку лоши, некои се екстремно добри, некои сосема збунувачки, некогаш ќе направите грешка па дебатирате со колегите… Но, гледање филмови е убава работа. Најтешкиот дел од работата на селекторот е во моментот пред да притисне ‘play’: треба да сте подготвени да откриете добар филм, иако сте виделе многу филмови претходно. Не треба да имате големи очекувања, вашиот ум и срце треба да се отворени.

Екстремно сум среќна што ме поканија да бидам селектор, тимот кој работи на одбирање филмови е одличен. Иако не се согласуваме секогаш, дискусиите се конструктивни. Оваа година беше многу посебна, поради тоа што не е исто дебатирањето за готови филмови и проекти кои се во тек. Секако, секој од нас доаѓа со сопствена мрежа на контакти кои произлегуваат од долгите кариери во филмската индустрија, секој има различен вкус. Уметничката директорка Лили Хинстин е одлична во својата работа, не само поради тоа што има многу силна филмска позадина, туку и затоа што знае да преземе ризици, што е многу важно за еден филмски фестивал. Таа има генерална слика за важните трендови и теми во филмската индустрија и сите сме задоволни од работата со неа. 

Кои се Вашите очекувања за „Films After Tomorrow“?

Одлично е тоа што имаме пристап до филмовите толку рано во нивниот развој. Во нашата работа нормално добиваме шанса да ги гледаме филмовите откако се завршени, како спакуван продукт. Некогаш слушаме за некои филмови и пред тоа, па ја следиме нивната работа. Со новата иницијатива имаме одлична можност да се подготвиме за следното издание на фестивалот, бидејќи не само што можеме да ги следиме филмовите избрани за учество, туку и сите проекти кои беа поднесени во рокот за аплицирање. Многу од поднесените филмови се релевантни за денешницата и би сакале да знаеме како им оди работата, и покрај тоа што не се во одбраните филмови. Сè уште сакаме да ги погледнеме и можеби ќе ги вклучиме во селекцијата за следната година. 

Би сакала да поразговараме малку и за Сараевскиот филмски фестивал, кој е уникатен во споредба со филмските фестивали од регионот, но и пошироко во Европа. Вие долги години работите како селектор на програмата „Киноскоп“ за овој фестивал, па како би го споредиле концептот на фестивалот со другите фестивали? 

Работата како селектор на фестивалот во Сараево е многу убава, имаме одлична соработка со останатиот дел од тимот. Понекогаш гледате филмови кои можеби повеќе одговараат за некој друг дел од програмата, па сакате да ја споделите идејата со луѓето што се одговорни за тој дел. Целиот тим е одличен, а фестивалот сам по себе има две големи предности. Прво, тоа е неговата фасцинантна историја, поради која многу филмски професионалци сакаат да го видат Сараево и да дознаат повеќе за симболиката позади фестивалот и при неговото создавање и сега. Втората работа е тоа што многу фимаџии често се враќаат во Сараево, затоа што им се допаѓа фестивалот. 

Истовремено, фестивалот успева да собере многу луѓе, а програмата не е премногу ригидна и можете слободно да контактирате и да ја ширите вашата професионална мрежа. Периодов гледам како фестивалите се обидуваат да ја рекреираат фестивалската атмосфера онлајн, но не многу успешно, интеракцијата во живо е незаменлива. Не знам што ќе се случува со филмската индустрија ако има повторно ваква криза, тоа би имало голем негативен ефект… Ова е индустрија на која ѝ е неопходно луѓето да се во контакт во живо за време на фестивалот. Не станува збор за продавање ќилими или станови, туку за долгорочно градење партнерства и споделување искуства.

Имајќи на ум дека допрва ќе треба да се справуваме со последиците од кризата, а веќе видовме колку беше негативен ефектот врз филмската индустрија, би сакала да ве прашам за различните начини на кои фестивалите одлучија да постапат. Некои се решија за градење нови дигитални платформи речиси од 0, но имаше и такви кои одлучија комплетно да ги откажат нивните изданија за 2020 година. Според вас, што значи одлуката фестивалот да ја „прескокне“ годината и да паузира едно издание? 

Одлуката значи неколку работи, меѓу кои главната е дека може финансиски да си го дозволи тоа! Не сите фестивали можат да си дозволат, за некои е неопходно да имаат издание секоја година, затоа што нивните финансии зависат од тоа дали го испорачале планираното. Ако добивате пари за организација на фестивал секоја година и одлучите една година да паузирате, што значи тоа за вашите финансии? Дали наредната година ќе добиете поголем буџет или тоа ќе има негативен ефект? 

Организација на онлајн издание на фестивалот не е воопшто скапа работа – да, бара одредени ресурси и има цена, но е лесно изводливо за многу фестивали, па дури и за помалите. Второ можно значење на одлуката да се прескокне едно фестивалско издание, е тоа дали фестивалот има значајни очекувања и ефекти врз комерцијалната вредност на селектираните филмови, како што е фестивалот во Кан. Во нормални услови, кога еден филм ја доживува својата премиера на Канскиот фестивал, продукцијата очекува финансии од продажбите и дистрибуцијата на филмот. 

Секако постои уверување дека штом филмот стане достапен онлајн, не е едноставно да се контролира кој има пристап до него, каде оди, во која форма. Од друга страна, кога пуштате филм во киносала, ограничен е бројот на луѓе што ќе го гледаат. Секако, тука се поставува прашањето како тоа влијае на продукциските куќи и дистрибутерите? И, секако, третото можно значење на одлуката да не се организира онлајн издание на еден фестивал, е тоа дека тимот што го организира фестивалот е конзервативен!! Сепак, морам да кажам дека огромен број фестивали се одлучија да направат онлајн верзии – и да, никој не сака да направи онлајн издание кое ќе биде помалку вредно од одржување на фестивалот во живо. Многумина очекуваа дека големите продукциски куќи (на пр. во САД) ќе бидат против дигитално прикажување на нивните филмови, но се покажа дека не е така. 

Како што споменавте претходно, пред 10 години ја основавте онлајн платформата Festival Scope, која од скоро е поделена на FestivalScope за љубители на филмови и FestivalScope Pro за филмски работници. Какво е влијанието на  пандемијата врз работата на платформите? Има ли разлики меѓу тоа како генералната публика и филмските работници ги користат двете платформи?

Имаше многу интересни реакции за двете платформи. Поради тоа што Festival Scope Pro е наменет за филмски работници и дава пристап до филмовите од големите фестивали, пандемијата влијаеше многу лошо на оваа платформа затоа што немавме нови филмови што би можеле да ги вклучиме во понудата. Добрата страна е дека ни пристапија некои помали фестивали, па се обидуваме да го привлечеме вниманието на филмските работници кон овие фестивали кои обично не добиваат многу внимание.

Од друга страна, за Festival Scope имавме интересен период – многу од фестивалите сакаа да бидат вклучени на платформата, а не можевме сите да ги вклучиме. Направивме договор со една нова платформа Shift72, каде фестивалите ќе можат да ги прикажуваат своите филмови, и ова имаше одличен старт и многу интерес од публиката. Целата ситуација со Ковид-19 имаше и добри и лоши страни во однос на двете платформи, но и на целата филмска индустрија. 

За крај, какви се вашите очекувања за филмската индустрија во следната година додека учиме како да се справиме со ефектите од корона кризата?

Најискрено, се надевам дека нема многу да се намали. Сакам да сум оптимистична, но не знам колку е тоа возможно. Мојот бизнис функционира онлајн, но би била многу тажна доколку кината не функционираат повторно. Искуството на заедничко гледање филм е непроценливо, сосема е различно од гледање дома. Кога одите в кино, најчесто одите со некоја блиска личност за да откриете сосем нов свет, има чувство на авантура и храброст. Кога сте дома пред вашиот компјутер, тоа е многу блиско до реалноста. Со Ковид-19 видовме дека има и друга перспектива – љубителите на филмот многу поактивно истражуваа и откриваа нови филмови онлајн. Во првите неколку недели, „Нетфликс“ го имаше приматот, но потоа луѓето почнаа да бараат нови и поинакви филмски искуства, особено оние кои често оделе в кино или на фестивали. Мислам дека постои голем апетит и љубопитност за откривање нови филмови во кино, само треба да научиме да живееме со ризиците. Првите бројки во Франција нудат малку надеж, но ќе видиме како ќе оди понатаму со следните мерки и делови од карантинот…

Јована Ѓорѓиовска

Have your say