Што гледавме на Галичник Филм Фестивал? (2)

Три мини рецензии за фаворитите на Јована од категоријата анимирани филмови.

На крајот на август оваа година, се одржа првото издание на Галичник Филм Фестивал при што 50 краткометражни филмови беа бесплатно достапни онлајн. Од филмовите што успеав да ги погледнам, селекцијата беше одлична – секоја чест и пофалби за изборот на филмови! Подолу мала листа мини рецензии за моите лични фаворити, од категоријата анимирани филмови. 

“Glace à l’eau” (добитникот на наградата за најдобар анимиран филм) во режија на Mathieu Barbe, Damien Desvignes и Victor Hayé е магично патување за една санта лед која се одделува од својот глечер и започнува да плови со струите – на почетокот невино и по малку наивно, за потоа да собере храброст за комплицирани морални одлуки. Овие шест минути беспрекорна анимација се феноменално спакувана метафора за класичната ‘coming of age’ приказна, а музиката и дизајнот на звук на Kémi Likouka додаваат на емоционалната напнатост.

Симпатичноста на “Cracks in the pavement” освојува уште во првите неколку секунди. Преку употреба на stop-motion, режисерот Nicolas Co се фокусира на доживувањата на еден персонифициран цвет кој расте во урбаната џунгла и притоа се среќава со мноштво „оживеани“ објекти (канта за ѓубре која се обидува да го заштити, фрлена гума за џвакање која ги уништува неговите нежни ливчиња, искористена батерија која негативно влијае на околината, итн.). На кратко кажано, филмот дава одговор на прашањето „Како изгледа животот на еден цвет од човечка перспектива?“

Последниот филм што го издвоив, во однос на приказната, содржи најмногу изненадувања. Без да откривам премногу, во “Bros” ќе видите апокалиптична иднина, свиња како најдобриот другар на главниот карактер и навидум невообичена, а всушност клише мотивација за конфликт. Темпото на приказната потсетува на SF филмовите од 70тите години на минатиот век, а режисерот Marci Nagy успеал тоа да го преточи во забавна и визуелно привлечна анимација. 

Јована Ѓорѓиовска