Што гледавме на Галичник Филм Фестивал?

Три мини рецензии за фаворитите на Јована од категоријата играни филмови.

На крајот на август оваа година, се одржа првото издание на Галичник Филм Фестивал при што 50 краткометражни филмови беа бесплатно достапни онлајн. Судејќи по филмовите што успеав да ги погледнам, селекцијата беше одлична – секоја чест и пофалби за изборот на филмови! Подолу три мини рецензии за моите лични фаворити, од категоријата играни филмови. 

“I’ll end up in jail” ме остави без зборови. Филмот е толку добро направен што преточувањето на сопственото воодушевување во кохерентни реченици е доста тешка задача, но ќе се обидам. 🙂 Режијата и сценариото на Alexander Dostie се развиваат неочекувано, но експлозивно. Секоја наредна сцена содржи уште поголемо откритие (што е главната причина зошто нема да го споменам наративот 😉 ), а деталите додаваат неверојатна длабочина на приказната. Како главниот лик Морин, глумата на Martine Francke е прекрасен tour de force. Кинематографијата на Vincent Biron му овозможува на гледачот да се почувствува како да е на величествените канадски планини полни со снег, а музиката на Simon Trottier е дополнителна јаготка на шлагот. 

Победникот во категоријата краткометражни филмови е одлично спакувана потрага по сопственото Јас и начините на кои се постигнува задоволство. Фактот дека главниот карактер е нем не го усложнува разбирањето на филмот. Напротив, режисерот и сценарист Pham Thien An го гради филмот токму врз оваа подлога и ги користи сите останати филмски „алатки“ за да постигне совршена прецизност при раскажувањето на приказната. 

Последниот игран филм кој го издвоив лесно може да се смести во групата уметнички дела чии метафори остануваат во мислите на гледачот долго по првата средба. Експерименталниот пристап кон замислената далечна иднина на човештвото (под режисерско-сценаристичкото водство на Hugo Le Gourrierec) и прототипната глума на Anatole Zangs и Solange Frejean овозможуваат повеќеслојна симболика во навидум едноставна приказна: младо момче се обидува да и го привлече вниманието на девојка која му се допаѓа, притоа поаѓајќи од сопствените желби и потреби. 

Јована Ѓорѓиовска

Have your say