Темнината на ноќта е потисната од пламените честички на семафорот кој гори. Тивките улици на мирниот поморски град во Чиле, Валпараизо, наскоро ќе бидат заменети со сирените на противпожарните возила, подготвени да го потиснат хаосот создаден од русокосата миленијалка пироман. Првата сцена во „Ема“, најновиот филм на Пабло Ларен, истовремено успева да импресионира и шокира со неверојатната убавина на уништувањето, додека комплетно потиснува било какви очекувања за следните 102 минути.

Во последните 5 години, Пабло Ларен ја изгради својата кариера со филмовите „Клуб“, „Неруда“ и „Џеки“. Секој од овие филмови е уникатно вообичаен наративен филм, со силно сценарио, солидни дијалози и визуелен идентитет кој совршено се вклопува во самата приказна. Заедничката нишка помеѓу овие филмови е психолошката деконструкција на животите на општествено/историски важни личности, за кои сме помалку или повеќе информирани. Сепак, кога станува збор за „Ема“, се што знаеме за работата на Ларен станува ирелевантно.
Филмот го следи животот на насловниот карактер – танчерката Ема (ја глуми Мариана Ди Џироламо) која дополнително спроведува танцови работилници за деца, и нејзиниот сопруг, кореографот Гастон (игран од Гаел Гарсиа Бернал), кој е вљубен во надреални и симболични движења. Откако Пол (посвоениот син на парот кој го игра Кристиан Суарез) ќе предизвика серија морбидни инциденти (ќе и го запали лицето на тетка си, ќе убие мачка со тоа што ќе ја стави во замрзнувачот), Ема и Гастон одлучуваат да го вратат момчето во домот за посвојување. Иако физичките лузни од постапките на Пол се лесно видливи за публиката, менталните рани кои тој им ги остава на неговите старатели се уште подлабоки …

Филмот е на границата помеѓу надреален и симболичен танц, и многу едноставна семејна драма со елементи на мистерија. Класичниот линеарен наратив е променет од страна на режисерот, на сметка на анархистичката драматична игра на визуелно оргазмични кадри (чија кинематографија ја потпишува Серџо Армстронг) и неверојатно заразните музички пулсови (на музичкиот маестро Николас Јаар).
Главната линија во филмот е хаотичниот еротски танц/ментално патување на Ема кое започнува во моментот кога ќе го напушти нејзиниот син Пол. Она што првично изгледа како неартикулирано и изгубено, а режисерот се обидува да ни го претстави како нерелевантно за големата слика, има големо значење за развојот на филмот и неочекувано конвенционалниот, а сепак мудро замислен крај. Сепак, многу е тешко да се направи разлика помеѓу тоа колку случувањата во приказната се намерни, а колку од нив се коинциденција и среќа што го прати режисерот. Супериорноста на аудио-визуелниот аспект на филмот компензира за едноставноста, апсурдноста и ирелевантноста на самата филмска приказна.

Ема и нејзината танцова трупа се лицата на една генерација која добива централна улога во бизнис светот. Сепак, како што и самиот филм покажува, миленијалците имаат повеќе амбиција, сакаат повеќе слобода и генерално го живеат животот различно од претходните генерации. Иако на почетокот сите овие соништа и идеи се чинат хипер-еротизирани, површни и хаотични, подоцна (како што и филмот покажува) нештата се смируваат и доаѓаат до хармонична и значајна почетна точка. За протагонистката Ема, на крстосницата на нејзините 20ти години, животот еднакво се потпира на слобода на изразување и кариера, и на создавање на семејство, според нејзините убедувања.
Во целина, Пабло Ларен маестрално ги надминува своите претходни остварувања и нуди аудио-визуелен десерт за вистинските љубители на филмови. „Ема“ е филм за кој е тешко да се зборува без „спојлери“ и едноставно треба да се доживее – токму поради неверојатниот перформанс кој го замислил режисерот, единствениот валиден суд за овој филм е субјективниот.
Арман Фатиќ (преземено од Duart.hr)