Оцена: 2/5
Кога ќе ги погледнете синопсисот за „Тие се бомби“ и постерот со трите (морничаво слични) главни актерки, веројатно првата мисла што ќе ви падне на ум ќе биде „Овој филм е посветен на женските искуства со родово базирано насилство“. Она што недостасува за реченицата да е целосно точна е „прикажани од машка гледна точка“. „Тие се бомби“ има многу поголем проблем од фактот дека зад сценариото и режијата на филмот се потпишуваат двајца мажи (Чарлс Рандолф и Џеј Роач) – наместо приказна за негативните ефекти на родово базираното насилство и потенцијалот за женско оснажување, филмот е фокусиран на мажите на врвот на пирамидата и нивното влијание врз трите хероини. Тоа можеби ви се чини како семантички детал, но е клучот за доживувањето на филмот.

За оние што ги следат дневнополитичките случувања во САД, дејството е добро познато: „Тие се бомби“ ја следи борбата на Мегин Кели (Шарлиз Терон), Гречен Карлсон (Никол Кидман) и Кајла Посписил (Марго Роби) против нивниот шеф и основач на Фокс Њуз, Роџер Ејлс (Џон Литгоу, иронично – најдоброто актерско остварување) чии омилени хобиња се микро-менаџирање на вработените и објектификација на жените. Филмот во голема мера се потпира на вистинити случувања – играта на Терон и Кидман е на граница на имитирање на Кели и Карлсон, а измислениот лик на Роби е напишан според сведоштвата на млади жени кои работеле во Фокс Њуз. Сепак, иронично е тоа што токму нејзиниот карактер изгледа најчовечки, додека Кели и Карлсон се, на моменти, еднодимензионални карикатури од вистинските новинарки и водителки на Фокс Њуз.

Непријатна иронија има и во голем дел од режисерските одлуки: хероините во центарот на приказната како да се таму само за да им се случуваат непријатни нешта, по што се турнати на маргините на филмското дејство, без многу анализа на нивните страдања. Ретките моменти во кои е вложен труд во претставувањето на негативните ефекти од родово базираното насилство се навистина потресувачки (пр. интеракцијата меѓу Посписил и Ејлс), но генералниот впечаток е дека авторите на „Тие се бомби“ се плашеле да навлезат подлабоко во психологијата на жртвите, па одлучиле дека ќе се задржат „на површината“. Оваа одлука можеби и би имала смисла доколку би била пропратена со прецизно дефинирана насока на филмот. Така гледачот би знаел што да очекува, наместо постојано да се прашува дали „Тие се бомби“ е луцидна драма (како што изгледа на почетокот) или авторите намерно го користеле рецептот на третокласните криминалистички серии.
Можеби најзбунувачки е наивниот крај на филмот (триумфално претставен со поп навивачка песна која ги бодри жените да го кренат гласот), без ниту еден единствен коментар за речиси истечениот претседателски мандат на Доналд Трамп и најновите скандали во Фокс Њуз, повторно поврзани со родово базирано насилство. Знаејќи ги овие информации, филмското финале ги фрла „во вода“ сите обиди за детално претставување на проблематиката и ја „цементира“ до тогаш несигурната перцепција за „Тие се бомби“: површна „феминистичка“ пропаганда која ги штиклира сите полиња во формулата за Холивудски успех.

Лично, најмногу ми пречи претставувањето на родово-базираното насилство како „женски“ проблем. Како режисерот и сценаристот да велат „Ништо од ова немаше да се случи ако жените беа поодлучни да се спротивстават на насилството, поиздржливи да не дозволат да им ги уништи животите, похрабри да се борат за нивните права.” Згора на тоа, за да сочувствуваат со хероините кои своите кариери ги имаат посветено на градењето на конзервативната медиумска империја (што би можело да се дефинира и како нивно соучество во проблемот), гледачите воопшто не мора да се согласуваат со нивната политичка идеологија. Потребно е само филмот да ги претстави последиците од институционализираниот сексизам на доволно прецизен, а истовремено нијансиран начин … наместо да ја експлоатира ранливоста на жртвите со ефтино воајеристичко кадрирање во најкршливите сцени и да се потпира на прекумерна претпазливост во делови кои повикуваат на максимална бруталност. Накратко кажано, наративната основа на „Тие се бомби“ е одлична подлога за добар филм, само уште да беше раскажана од женска перспектива.
Јована Ѓорѓиовска