,,Офицер и Шпион” – свежа перспектива на познат историски настан

"Во овој филм, може да се видат скоро сите теми кои Полански го дефинираат како автор. Ние сме приказните кои ги раскажуваме. Еврејското наследство, бурниот живот, прогонството се сите дел од животот на самиот автор."

режисер: Роман Полански

сценарио: Роман Полански и Роберт Харис

улоги: Жан Дуражен, Луис Гарел

директор на фотографија: Павел Еделман

Во современата човечка историја сведоци сме на настани кои секојдневно се случуваат, а на кои дури нашите наследници би им ги виделе последиците. Аферата Драјфус е првата политичка афера која го поларизира општеството до толкава мера што на залезот на 19 и почетокот на 20 век дава еден увид во тоа како политиката може да ги подели луѓето. Историската драма или ,,period piece” е се` повеќе популарен жанр во филмските кругови.

Контроверзниот и некогаш авангарден Роман Полански овој пат дава една солидна и зрела филмска претстава за историските настани кои во тоа време ја шокираат цела Франција. По успесите на ,,Пијанистот” и ,,Одвратност”, несомнено е дека режисер од калибарот на Полански лесно може да се носи со историски предизвикувачки теми. Во овој филм, може да се видат скоро сите теми кои Полански го дефинираат како автор. Ние сме приказните кои ги раскажуваме. Еврејското наследство, бурниот живот, прогонството се сите дел од животот на самиот автор.

Носечките елементи на филмот се моќното актерско присуство, нешто во што француската школа секогаш се разликувала од другите европски филмски текови, силата на историските аргументи ,,за” и ,,против” самиот настан и организацијата и режијата на Полански да од сите добри елементи со кои располага да направи приказна која обзема иако сме ја виделе многу пати. Токму моментот на тоа колку е позната аферата Драјфус, од аспект на тоа дека за неа се пишувани илјадници и илјадници репортажи, книги, се правеле и многу филмови – играни и документарни, говори за тежината на тоа што Полански се зафатил да го претстави со свој стил.

Жан Дуражен во улога на офицерот Жорж Пикар, еден од централните протагонисти во аферата, е ликот низ чиј очи најмногу се следат настаните. А неговите очи се’ повеќе и повеќе ја гледаат неправдата, низ тие очи и гледачите се внесени во делото кое се расплетува пред нивните очи, и како лична но и како колективна неправда, во случајов на еврејското население во Европа. 

Убавината на филмот е како може алегориски дури да ни прикаже неправда и поларизација на општествата околу една афера, нешто што денес и на локална и на глобална сцена е познато. Политиката како алатка на моќните секогаш е страшно сениште кое може да го покоси самото срце на една држава и нација. Токму Драјфус е борбата за срцето за Франција, каде воениот естаблишмент е соочен со сопствените лаги, местенки и контрола на системот, против навидум немоќниот опонент олицетворен во офицерот Драјфус. Напомош на Драјфус  му доаѓаат младите и прогресивни сили на тогашна Франција предводени од Емил Зола. Полански многу добро го прикажува овој судир на старите укотвени сили и новите ветрови кои го завземаат светот што публиката ја претвора во навивач кој следи тековен политички настан.

Иако во сенка на многу добри достигнувања во оваа револуционерна филмска година, ова дело на Полански додава до аргументот дека седмата уметност навистина е во подем. 

Кирил Дончов