Времето значи живот

"Оваа приказна за животот за време на овие немири, пријателството и силната желба да се одбрани татковината е еден голем доказ дека војната нема граници, ниту пак правила и секој ја игра играта на свој сопствен начин."

„1917“- Воена драма, 10 јануари 2020 Лондон

Режија: Сем Мендес   Сценарио: Сем Мендес и Кристи Вилсон  Кинематографија: Роџер Дикенс Актери: Чарлс-Дин Чампан, Џорџ Мекеј, Даниел Мејс, Пип Картер, Енди Аполо, Колин Фирт, Паул Тинто, Бенедикт Камбербеч, Ричард Мејден…

Сем Мендес преку својот нов филмски бисер нè навраќа во далечната 1917, на фронтот на Велика Британија и Германија, каде веќе се наближува крајот на Големата војна. Оваа приказна за животот за време на овие немири, пријателството и силната желба да се одбрани татковината е еден голем доказ дека војната нема граници, ниту пак правила и секој ја игра играта на свој сопствен начин.

„1917“ уште од својата прва проекција ги облагороди срцата на гледачите, со што ги покажа своите квалитети кои одново беа потврдени со тоа што филмот се здоби и закити со безброј награди и номинации, од кои точно десет се номинации за Оскар, вклучувајќи ја и номинацијата за најдобар филм. 

Комплексниот начин на снимањето на кадрите е важен елемент, кој придонесува во тоа овој филм да отскокне со својата уникатност во стилот на управување со камерата и доловувањето на перспективата. Направена е илузија при монтажата со цел во очите на публиката транзициите од една сцена во друга да бидат целосно незабележливи, со што се добива ефект, како камерата никогаш да не престанува со снимањето, следејќи ги ликовите.

Покрај управувањето со камерата, визуелните и звучните ефекти се од голем придонес за начинот на интерпретација на ваквите специфични воени филмови, каде секоја воздишка, секое движење, секој чекор на протагонистите треба да е почувствуван од публиката, бидејќи овие елементи се тунелот кој го поврзува гледачот со новосоздадениот свет. 

Во овој случај протагонистите се двајца војници во чии раце се ставени животите на илјадници нивни соучесници во војната, со што двајцата другари (Џорџ Мекеј и Дин Чампан) буквално се борат со времето обидувајќи се да стасаат до целта. Преку актерската игра се доловени емоционалната растроеност и стравот на ликовите, кои се наоѓаат на фронтот, каде никој не може да им го загарантира враќањето дома. Сцената во која војниците си ја пеат својата песна пред да заминат во бој е една од сцените во кои е истакнато продлабочувањето на емоциите на ликот на Мекеј, каде доаѓаат до израз и неговите актерски способности. Џорџ Мекеј е дел од новата генерација актери, чиј труд е наградуван на неколку прочуени филмски фестивали од кои еден е Канскиот филмски фестивал.

И колку пофалби да се упатат за филмот, очигледно е дека најголемата пофалба мора да оди кон режисерот (Сем Мендес). Човекот кој сите овие делови (елементи) успеал да ги обедини во една целина и од нив да го создаде финалниот производ, филм со чиста и јасна приказна со која на светот еднаш и за секогаш ќе му се даде до знаење дека во војната нема победник, сите се губитници, бидејќи има само една победа за човештвото а тоа е мирот.

Евгенија Арсова 

9/10