"Леони Крипендорф ја има женската перспектива како голема предност, но ова 94 минутно остварување страда од позајмените аспекти на веќе познати и надалеку признаени филмови".

Кон „Кожурец“ во режија и сценарио на Леони Крипендорф, кинематографија на Мартин Неумајер Вториот долгометражен филм на германската режисерка Леони Крипендорф истражува можеби една од најпопуларните тематики во 21-виот век - губењето на детската невиност и наивност. Со премиера на Берлинскиот филмски фестивал во рамки на проектот „Генерација“ пред пандемијата да стане новата нормалност, овој филм теоретски ги содржи сите состојки за да биде надалеку допадлив, симпатичен и притоа да остави белег врз генерацијата З. Единствената причина за скептицизам би било прашањето - како да се реформулира една веќе „исцрпена“ тема и да се стави свој печат врз неа? Леони Крипендорф ја има женската перспектива како голема предност, но ова 94 минутно остварување страда од позајмените аспекти на веќе познати и надалеку признаени филмови. „Кожурец“ во фокус ја става 14 годишната протагонистка Нора (Лена Урзендовски) низ призмата на едно особено жешко лето во Берлин, Германија. Таа најчесто се дружи со својата постара сестра Јуле (Ана Лена Кленке) и нејзината најдобра другарка Ејлин (Елина Вилданова). Постарите девојки имаат само две нешта на ум - момчиња и нивниот надворешен изглед. Нора воопшто не се вклопува со тоа друштво, но таа не знае за ништо друго освен тоа, се додека не ја запознае безгрижната „машкоданка“ Роми (Јела Хасе). Како што времето станува потопло, така и ненадејното пријателство помеѓу двете девојки станува се поинтимно и романтично, раскажано преку кадри кои изобилуваат со интимни прегратки во базени, житни полиња и кровови на зградите во Берлин. Убавината на раскажувањето на режисерката лежи во соработката со својот кинематограф, кој фантастично го доловува летото во Берлин преку сите живописни бои на спектарот. Интимните моменти помеѓу Роми и Нора се снимени толку внимателно и нежно, што гледачот може да си замисли дека ги набљудува во реално време. Таа техника потсетува на хитот од 2017 година „Викај ме со твоето име“, кој не само што ги разработува истите теми на откривање на сексуалноста, туку и поттикнува чувства на транспортација во…