„Венера во крзно“ – прекрасно театарско доживување

„Веселинов и Павлаковиќ и нивната неверојатна меѓусебна хемија на сцената се темелот, главната конструкција и душата на оваа претстава. “

Кон изведбата на претставата „Венера во крзно“ од Театар на Навигаторот Цветко и Кино Култура на 54. МТФ „Војдан Чернодрински“

Има нешто волшебно во полноќните претстави кои се дел од неофицијалната програма на МТФ „Војдан Чернодрински“. Рано-летниот мирис во воздухот, гужвата пред влезот од прилепските љубители на театарот, кои се чини како цела година да живеат само за овие седум фестивалски денови, како и интимниот амбиент во стариот и речиси руиниран театар, создаваат една уникатна и неверојатно театарска атмосфера. Иако оваа атмосфера, екипата зад претставата, како и возбудата од фактот што „Венера во крзно“ беше прва на распоредот во неофицијалната програма на фестивалот ме натераа да имам можеби и нереално големи очекувања од неа, таа сепак, со својата убавина и наративна леснотија, успеа и нив да ги надмине.

Во неа, Томас Новачек (Благој Веселинов), режисер во еден Њујоршки театар, уморен од целодневниот неуспешен кастинг за главната хероина во својата театарска поставка на романот „Венера во крзно“ решава дека е време да си оди дома, кога Ванда Џордан (Ивана Павлаковиќ) се втурнува на сцената со полни раце куфери и торби кои ги содржат сите потребни реквизити за нејзината задоцнета аудиција. Цврсто стоејќи зад својата доминатна режисерска улога, Томас потполно ја отфрла можноста за одржување на било каква проба со Ванда, која всушност вооошто не е пријавена за кастингот и на прв поглед изгледа како да нема никаква допирна точка со театарската уметност. Сепак, обзнанувајќи го фактот дека во своите раце го има целосниот текст на претставата – нешто што никој освен Новачек не го поседува и облекувајќи го раскошниот фустан кој го носи со себе, таа успева да го придобие интересот и вниманието на Томас со нејзината „изненадувачки“ добра интерпретација на ликот на главната хероина. Заинтригиран, тој се согласува да ја продолжи пробата, при што беспомошно се фаќа во стапицата на Ванда и несвесно се качува на доминациската клацкалка на која таа желно го исчекува.

Користејќи го методот на претстава во претстава Томас и Ванда се трансформираат во Северин фон Кушемски и Ванда фон Дунаев, главните ликови во „фиктивната“ „Венера во крзно“ и пред нас започнува паралелно да се разоткрива дејството на двете приказни, онаа вистинската и онаа фиктивната. Иако навидум различни, тие во својата суштина се исти и успеваат да се преточат една во друга и да ги испреплетат своите теми, кои задираат многу подлабоко од првично поставениот заплет – борбата на Ванда за добивање на главната улога. Дијалогот добива на динамика и важност со секоја изречена реплика, па така од почетните „небитни“ несогласувања за тоа кој дел од текстот треба да го читаат и дали Афродита и Венера се едно исто божество, Ванда и Томас рафално започнуваат да отвораат се поважни и поважни прашања, почнувајќи од желбата за доминација, врската помеѓу режисерот и актерот, па се до сексизмот и глобалните машко-женски односи. Транзицијата помеѓу двете различни дејства на претставата е изведена неверојатно лесно, па така амалгамизирањето на Ивана со двете Ванди, како и на Веселинов со Новачек и Кушемски, паралелно со движењето на текстот, се случува сосема природно. Иако сценографијата е условно речено сиромашна и ги содржи само суштински потребните елементи, сепак Благој и Ивана потпирајќи се на нивната природна шармантност и неоспорен актерски талент успеваат да не маѓепсаат и да не натераат заедно со нив да се „телепортираме“ од Њујорк до Трансилванија и назад за само дел од секундата. Малите нелогичности во приказната, како на пример неодговореното прашање за тоа како Ванда го поседува целосниот текст и која е всушност нејзината мотивација да доминира во „играта“ со Томас, кои се единствено производ на самиот текст од авторот Ајвс, се целосно занемарливи и речиси невидливи, па вооошто не влијаат на чувството дека оваа продукција е совршена.

Клучот за успехот на „Венера во крзно“ лежи потполно во кастингот. Веселинов и Павлаковиќ и нивната неверојатна меѓусебна хемија на сцената се темелот, главната конструкција и душата на оваа претстава. Се чини дека режисерката  Ивана Ангеловска со оваа одлука речиси целосно ја завршила својата работа и единственото нешто што и останало да го направи е само да ги финишира деталите и да го додаде својот личен уметнички потпис. Реалистичноста, обележана дури и со вистинското ѕвонење на мобилниот телефон на Новачек, како и играњето на Ванда со контролната табла на осветлувањето, онака како што таа навистина би го направила на една театарска проба, е на толку високо ниво, што успева да создаде една супер-силна илузија дека пред нас не стојат актери, туку вистински луѓе затечени во вистинска животна ситуација. Невклучувањето, пак, на музички елементи во продукцијата на преставата, кое, иако скоро во сите други случаи би го оценил како негативно, сепак се покажува како мудро решение на Ангеловска, бидејќи токму позадинската тишина (повремено прекината само од звучните ефекти на дожд и грмотевици) игра голема улога во нагласувањето на тоа чувство дека ние, публиката, сме навистина само неми набљудувачи во просториите на Њујоршкиот театар. Комичните елементи, кои од време на време успеваат да измамат и гласно смеење кај публиката се одмерени и добро врамнотежени со текот на дејството, а костимите, дело на Марта Дуфне, адекватно селектирани и совршено складни на самите ликови.

Иако доста ретки, постојат претстави што со својата убавина и магија успеваат да ми одржат една ведра насмевка на лицето за целото нивно времетраење. „Венера во крзно“ е една од нив. Чудесна и незаборавна закуска за сите театарски сладокусци.  

Мартин Трајковски

Have your say