Кон перформансот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ кој го отвори 44-тото издание на фестивалот „Млад отворен театар“. Автор: Филип Јовановски, куратор: Ивана Васева, продукција: Музеј на Град Скопје, игра Кристина Леловац. Перформансот ја доби главната награда „Златна Трига“ на годинешното Прашко квадриенале за перформанс, дизајн и простор.

Како може да се употреби уметноста за поттикнување на граѓанска активност и директно учество во општествените процеси? Има ли нешто што може да се научи од минатото, освен горчина и вознемирувачки детали? Како да се избориме за зачувување и облагородување на јавните простори кои се од исклучителна важност за квалитетот на нашиот живот? „Оваа зграда зборува (на)вистина“ бестрашно ги отвора овие прашања и, што е многу поважно, нуди и одговори. Како гледач кој често се прашува зошто одредено уметничко дело е само уште една репетитивна обработка на вечните дилеми, фактот дека перформансот нуди насоки за подобрување на моменталната состојба, за мене, е од непроценлива вредност.

Можеби најважната состојка во успешноста на авторскиот тим е наративната иновативност при употребата на документаристички факти во чиј фокус е Железничката зграда. За потполно доживување на нелинеарно прикажаните настани од седумдецениското постоење на зградата (патем, кондензирани во 45 минути) клучни се повеќеслојните мултимедијални материјали, монтажната инсталација која служи како сцена и, секако, изведбата на Кристина Леловац. Иако игра во „размер 1:100“ (израз позајмен од промотивните материјали за перформансот), Леловац својата улога на раскажувач и на одредени места, директен учесник во самата приказна, ја игра без задршка и дилема, а со искрена љубов и посветеност кон јавните простори кои просто бликаат од секој нејзин збор и потег.

Еднакво важен елемент на „Оваа зграда…“ е симболичниот, но совршено јасен и прецизен начин на кој е обработен проектот „Скопје 2014“. Во период кога се чини дека одговорните заборавиле дека на јавноста ѝ е неопходно затворање на ова болно поглавје од историјата на градот, перформансот истовремено врши евалуација на неговата уметничка вредност и бара од публиката да се соочи со ефектите на „старомодернизацијата“ на Скопје. Издржано говорејќи за теми кои полека избледуваат од јавниот дискурс, перформансот суптилно ја руши илузијата на дифузирана одговорност и предлага секој сам да си го осветли „патот до крајот на тунелот“, наместо да чека светлото таму автоматски да се вклучи кога ќе му пријде.

Во поширокиот контекст на македонскиот современ театар, исклучително важен е и фактот дека перформансот „Оваа зграда…“ беше изведен во ударниот термин (20:00 ч.) на првиот ден од програмата на МОТ 2019. Токму честа да го „отвори“ МОТ (можност која македонски проекти ретко ја имале во изминатите години) е уште еден доказ за вредноста на перформансот како модерно олицетворение на експерименталниот пристап кон важни општествени теми во магичната лабораторија наречена театар. Со други зборови, „Оваа зграда…“ е директен одговор на насушната потреба за претстава по чие завршување публиката (ќе) се прашува „Зошто не гледаме вакви работи почесто?“.
Текст: Јована Ѓорѓиовска