„Окупирај се“ или како да не поставите странска претстава во Македонија

„За жал, неколкуте прекини додека се играше претставата не дозволуваат да се даде заокружена оцена или став за неа.“

Разговараат Атанас Димитров и Јована Ѓорѓиовска.

А: Ова требаше да биде рецензија за претставата „Окупирај се“, која требаше да игра на Интернационален театарски фестивал „Скупи“ 2018. За жал, неколкуте прекини додека се играше претставата не дозволуваат да се даде заокружена оцена или став за неа. Претставата на Независен театар Проект Чекална, говори за зависностите и пороците, секојдневни и несекојдневни. Таа е заснована на текстови од самите актери, поезијата на Портија Нелсон и извадоци од „Тибетанската книга на животот и смртта“ од Согјал Ринпоше.

Ј: Иако на почетокот „Окупирај се“ ми изгледаше како постмодернистички преглед на научна литература од последните 50тина години на тема зависности, интерактивноста на претставата е она што ме освои. Згора на тоа, како што се загреваа актерите, така емотивната поврзаност со приказните кои се случуваа на сцената стануваше посилна. Ансамблот раскажуваше приказни иснпирирани од реалноста, постојано гледајќи во публиката како таа да им е партнер во разговорот на тема зависности, сѐ до моментот кога рефлекторите се свртеа кон гледалиштето и публиката стана главен предмет на истражување. И наместо изградениот моментум да се искористи за групна интроспективна сесија на тема зависности, трупата се соочи со збунета публика, недостаток на (синхронизиран) превод и неколку наметнати паузи.

А: Прекините траеја толку долго што режисерот (Космин Матеу) одржа импромпту јавна дискусија со дел од гостите во публиката. Прекинот траеше толку долго, што организаторот ги отвори влезните врати на салата и најави  непланирана пауза. Така, претставата која требаше да трае 2 часа, доби уште 30-40 минути во изгубено време за публиката и за трупата. Ова дополнително го отежни и фактот што претставата е исполнета со реплики, па и така беше напорна за следење.

Ј: Од сите коментари, видлива беше инспирираноста на публиката да ги погледне сопствените зависности од еден поинаков агол и да ги соголи когнитивните дисонанци со кои секојдневно се соочува. Сепак, поради техничките проблеми, шансата за големо крешендо беше испуштена. Публиката си замина дома со многу отворени прашања кои, на жалост, не доби можност да ги испроцесира во салата, заедно со актерите. Токму ова оневозможи комплетно доживување на главната поента на „Окупирај се“ – сѐ додека не се соочиме со себеси, нема да можеме да ја спознаеме вистинската природа на нашите зависности.

А: Се согласувам, претстава е уметничко дело кое треба да се изгледа во еден здив за целосен ефект. Недозволиво е организаторот да покани театарска трупа да игра на сцената ако не може да ги исполни техничките или било кои други услови за успешно поставување на нејзината претстава. Тоа е нефер кон публиката, кон претставата, а најмногу кон трупата која вложила огромен труд за да ја изгради и постави. Наместо дефинитивен впечаток за претставата,  по нејзиното поставување останаа две прашања кои треба да ги одговори фестивалот. 1. Зошто во процесот на селекција на претстави кои гостуваат е одбрана претстава во која брзината на преводот едноставно не соодветствува на брзината на дејството? Доколку публиката не може да го следи текот на претставата,се прави неправда и за неа и за ансамблот кој ја има поставено.
2. Зошто се дозволува да се случат сериозни технички недостатоци за време на претставата? Долгата, ненајавена пауза ја изолираше публиката од учеството во претставата, а фактот што и откако претставата повторно започна останаа проблемите со преводот укажува дека организаторот морал повнимателно да се заангажира за овие прашања. Со ваквата изведба, се ускрати гледањето, се стави ансамблот во непријатна положба, а се нанесе и штета на репутацијата на организаторот и земјата –домаќин на фестивалот.  

Have your say