(За монодрамата „Океанот“, според мотиви на „Психоза 4:48“ од Сара Кејн, во режија на Драгана Гунин, изведба на Симона Димковска, Кино Култура, 10.10.2019)
Браво Симона!
Обично вака не се пишуваат рецензии. Обично рецензентот треба прво да прикаже зошто дава некаква оценка на претставата. Меѓутоа, ова не е обична претстава и ова не е вообичаена актерска изведба. „Океанот“ е претстава (тематски премиерно изведена на Денот на менталното здравје) која ве носи брановито низ сите слоеви и на личноста која ја прикажува и на неколкуте ликови во претставата и низ музиката и се собира истовремено кога фамозните стилизирани едра на одличното сценографско решено – бротче (што беше и болнички кревет и купатило и маса и кутија и панична соба) ќе се отворат.

Дека е монодрамата тежок жанр е општо познат факт и дури мудрите ликови од нашето театарско минато секогаш сакаат да упатат совет дека со монодрама не се почнува, со монодрама се кулминира во актерска кариера. Дека може и понаку покажа оваа изведба на Симона Димковска. Режијата на Драгана Гунин е суптилна и сензибилна, оставајќи на празниот простор (освен претходно афирмираното одлично сценографско мултирешение на Мартин Манев, нема друго) и на актерската игра да се направи комплексната слика на тоа како една млада жена, актерка, социјално и општествено освестена личност треба да игра, говори, глуми, страда, се смее и притоа да прикажува сериозна театарска изведба која е во корелација со современата театарска практика.
Почнувајќи од ситните комични парчиња во кои ја опушта публиката и себеси (остри, цинични и мудри опаски на тема женски стендап), ѕиркајќи низ мушамата, „зезајќи“ се на своја сметка, посебно автореференцијално со насловот на драмата и со начинот на кој ќе се третира понатаму, одеднаш „нурнува“ во почетокот на драмата на Сара Кејн, изброените лекови, психозата и самоубиството. Користејќи ја сценографската „кутија“ за влез и излез од драмата, Симона покажа на кој начин документарното го третира театралното и на кој начин со кратките остри комични резови може да се засили емотивната експлозија на претставата.

Ова не е класична изведба по мотиви на еден познат драмски текст во кој отворено се говори за самоубиството и се следат последните мигови од животот на Сара Кејн. Ова не е ниту авторска и документарна претстава на младата актерка Симона Димковска. „Океанот“ е сериозна монодрама во која актерката со својот огромен потенцијал ги вади океанските длабочини на внатрешното битие распострирајќи го низ неколку кратки темати – машко-женските односи, родителите, пријателите, лекарот (режисерот Милош Б. Андоновски се јавува како гласот на лекарот) и системот, воопшто, кои пак се драматуршки поставени како интермеца меѓу сличните парчиња од драмата на Кејн.
На крајот најмногу доболува тоа што треба да е интимна исповед, местото во кое се делат/множат/испреплетуваат драмското и документарното, театарското и реалното, затоа може да се каже дека насловот е одлично избран и дека оваа претстава и тоа како заслужува да биде и понатаму играна и гледана.
Текст: Проф.д-р Ана Стојаноска, театролог
Фотографија: Кристијан Караџовски