Кон изведбата на „Човечкиот срам“ на 09.03.2019 во Матера, Италија. Танцовиот перформанс е во режија и драматургија на Силвија Грибауди и Матео Мафезанти, текст на Јетон Незирај и кореографија на Шерон Фридман. Играат Симона Спировска, Матиа Џордано, Антонела Лалоренци, Ема Таширо и Мариаграциа Начи.
„Добредојдовте во овој прекрасен затвор!“ е реченицата со која петте актери ги дочекаа гледачите во кино-салата во затворот во Матера. По речиси едночасовно чекање во ред, прозивање по име и презиме, проверка со детектори за метал и движење низ затворските ходници во придружба на учтиви полициски службеници, гледачите пристигнуваат на зацртаната дестинација – кино-салата која со својата отвореност, достапност и светлост изгледа како да не припаѓа во една казнено-поправна установа. Токму ова го навестува и директниот пристап на режисерката Грибауди и актерскиот ансамбл кон срамот како главен мотив.

Перформансот започнува со едноставни теми кои се лесни за соџвакување и доволно комични за во групата од 50тина гледачи да создадат основно чувство на сигурност и доверба кон актерите. По краток период во кој публиката полека се навикнува на максималната отвореност на ансамблот кон срамот како тема, комплексноста на приказните почнува да расте експоненцијално, а со тоа да се зголемува и просторот за лично толкување на срамот како емоција. Па така, од надворешен набљудувач публиката полека станува дел од претставата – актерите посочуваат со прст директно (но не и инвазивно) кон потиснатиот потенцијал и отвораат долга листа важни прашања: убивање на улични кучиња, културни разлики во традиционалните стеги наметнати од општеството, предрасуди како инстинктивни реакции во секојдневниот однос меѓу луѓето, нереалистични стандарди за убавина и арбитрарниот концепт на националност како основно обележје на личното Јас. Ансамблот успева сите овие теми да ги обработи во помалку од еден час, а како главни изразни средства ги користи репетицијата, танцот и иронијата (за неа, најзаслужен е Незирај). Внимателно одбраните музички парчиња и светлосните промени додаваат дополнителни слоеви во веќе добро осмислениот перформанс.

Особено важна за „Човечкиот срам“ е големата само-свесност на актерите за темите кои ги обработуваат и недостатокот на надменост во односот кон публиката. Наместо непотребни надмудрувања, морални лекции и сервирани одговори, актерската екипа го користи гледалиштето како простор за градење на нови пријателства со и меѓу гледачите. На крајот од перформансот, актерската екипа го врти метафоричкото огледало (на кое пишува „Од што се срамиш ти?“) кон публиката и заедно со неа, поминува низ интимниот авторефлексивен процес неопходен за надминување на личните бариери и искрено споделување на сопствените срамови. Катарзата во перформансот е фрлањето на згужваните ливчиња кои ги содржат срамовите на публиката кон сцената. На самиот крај, преку кратко видео свој придонес кон перформансот даваат и неколкумина затвореници, потсетувајќи ја публиката дека убави моменти можат да се најдат насекаде, па и во едно специфично место како казнено-поправниот дом во Матера.

Стожерот на „Човечкиот срам“ е единствената македонска актерка во перформансот, Симона Спировска. Таа е мајсторот на церемонијата, водичот низ драмското дејство и за љубопитната публика и за останатите членови на актерскиот тим. Освен што игра на англиски и италијански, Спировска е комплетно посветена на случувањата на сцената и е во постојан нем дијалог со публиката. Ова ѝ овозможува да го почувствува пулсот на гледачите и точно да процени кога одредена сцена ја постигнала својата цел, па ансамблот може да премине кон следната тема. Поради ова, неизбежен е заклучокот дека без Спировска перформансот не би бил она што е. Голем придонес за квалитетот на изведбата на „Човечкиот срам“ дава и Матиа Џордано кој игра со голем ентузијазам и длабока интроспективност.

Важни делови од овој перформанс-сложувалка се и Ема Таширо со својот феноменален оперски глас и искрена комичност, Мариаграциа Начи со своите одлични танчерски способности и Антонела Лалоренци со храбрата кршливост која ја отелотворува на сцената. Шестиот, „невидлив“ член на актерскиот тим беше самата режисерка која од последните редови активно се обидуваше да ја „крене“ атмосферата во салата, што на моменти изгледаше како (веројатно ненамерно) обезвреднување на тешките теми кои актерите со труд, пот и солзи ги дисецираат пред публиката.

„Човечкиот срам“ е перформанс „роден“ и првично изведуван во затворот во Матера, но ова не значи дека промената во локација ќе ја промени и силната порака која трупата ја презентира: За да се ослободиме од сопствениот срам, потребно е директно соочување и истрајност во борбата за промена на општествените норми. Сепак, еволуциската потреба за една емоција како што е срамот лежи токму во регулаторната функција поради која тој настанал: Срамот е првото пецкање на совеста, основната дилема дали одредена постапка е во ред и често, најголемата дисциплинска лекција за подобрување на сопствените одлуки.

Главниот критериум по кој се води срамот се токму социјално дефинираните шаблони на однесување, а перформансот „Човечкиот срам“ храбро се бори за нивно реобмислување. Можеби една Парада на срамот добро би ни дошла за постепено еманципирање, па ќе си посакаме и ние „Среќен нов срам!“.
Јована Ѓорѓиовска