„Не се клади на Енглези“: Тројца другари, три различни прогнози, ниту еден победник

„Колку што е тематскиот концепт смел, толку е неговата наративна егзекуција површна.“

Автор: Владимир Ѓурѓевиќ; режисер: Синиша Евтимов; Македонски народен театар (16.09.2019)

Кoга знаеш дека си претерал  со кладење? Според насловот на претставата, буквално секој пат кога се кладиш на Енглези, ама  дефинитивно најкритично е кога веќе не ги ни гледаш натпреварите што си ги играл. Поставувајќи ги своите ликови (сериски обложувачи) пред лаптоп со вклучен телетекст, наместо пред телевизор, Не се клади на Енглези од старт дава до знаење дека нема да има ни трошка милост за објектот што го третира: феноменот на спортско обложување. Тоа ја прави безмилосна и кон своите тројца (анти)херои: другари од основно кои се по толку нешта различни, а сепак подеднакво длабоко потонати во своите долгови и во опсесивно обложување.  

Претстава која уште непочната им „пресудува“ и на својата тема и на своите ликови не може да биде комедија. Смешниот наслов и – секако – присуството на Сашко Коцев создава илузорен впечаток дека нѐ чекаат два часа инфантилизирање на тројца возрасни мажи, кои обложувањето ги претвора во дечиња кои глумат лудило и добиваат „инфаркти“ ако не даде гол Норич. Меѓутоа, за внимателниот гледач, знаците дека ова не е комедија се доволно силни од самиот почеток, а сепак доволно слаби за да дозволат безброј урнебесни кикотења пред „ѓаволот да ја однесе шегата“ и претставата да го достигне својот природен трагичен епилог (дури во последните 20тина минути). Ваквото смело претопување помеѓу два спротивни жанра (таканаречената dramedy = drama + comedy) само по себе ја прави Не се клади на Енглези вредна за гледање. За жал, реализацијата на ваквиот спој е сериозно обременета со бројни моменти на наративна предвидливост и неавтентична драматичност (spoiler alert: остатокот од текстот открива детали од дејството на претставата ).

Всушност, колку што е тематскиот концепт смел, толку е неговата наративна егзекуција површна. Уште во првите 20-тина минути дознаваме дека тројцата другари имаат ставено три заемно исклучиви прогнози на еден ист натпревар и дека на крајот ќе има еден победник и двајца губитници (во игра се илјадници евра). Уште од дома, пак, знаеме дека актерската екипа брои само три члена, што прво става огромен двочасовен товар врз одличното актерско трио (покрај Коцев, тука се и Александар Микиќ и Оливер Митковски), но и создава премногу очигледна трислојна симетрија за остатокот од претставата.

Тројца ликови – Паун (Коцев), Буле (Микиќ) и Пикси (Митковски) – со три различни прогнози неизбежно значи дека во текот на натпреварот ќе мора да се извртат сите можни резултати за да видиме како секој од ликовите се справува со еуфоријата на ќарување илјадници евра, како и со агонијата на губењето на истите. Што значи дека сите „хапјнати“ моменти на силни емоции при секоја промена на резултатот се испукани ќорци. Ништо помалку предвидлива не е ниту употребата на т.н. „пиштол на Чехов“ (Chekhov’s gun), или обелоденувањето на навидум неважни информации во текот на претставата кои подоцна ненадејно ќе станат важни. Проблемот е што оваа претстава не умее да ги обелодени како навидум неважни: на пример, швалерајот на Пикси се истакнува толку многу пати, што веднаш станува јасно – посебно кога ќе дознаеме  дека на времето ја „симпатишал“ и жената на Паун – дека дејството крие темпирана бомба помеѓу двајцата другари која до крајот мора да експлодира.

Освен што е предвидлива, Не се клади на Енглези на моменти е и доста нереална. За претстава која се стреми да обработи еден таков сеприсутно реален општествен феномен, прекумерната искарикираност  на Паун како лик навистина боде очи. Маните на тројцата другари – себичност, лековерност, неискреност – ни се толку поистоветливи што почнуваме да ги доживуваме ликовите како вистински. И тогаш  Паун одеднаш ќе го направи својот намерно одвратен восклик (всушност, нешто помеѓу тик и вештачко икање) и ќе не потсети дека ова е сепак – претстава. Целокупната бизарност на овој лик измамува по некоја евтина насмевка (главно на почетокот на претставата), но неговата искарикираност е толку неприродна што, севкупно, повеќе ја поткопува драмата во оваа „драмедија“, отколку што ја подобрува комедијата.

Во истиот домен на неавтеничност може да се сместат и некои очигледни „закрпи“. На пример, Пикси е доктор, а сепак работи и со дојави од брза помош само колку да може да одговори на лажната дојава на другите двајца – односно, само колку да има претстава. Тука некаде е и изнасиленото форсирање спортски компоненти („а бе еве малце бев до Манчес… овај до веце“, ха-ха). Непотребни се и безбројните вулгарности и евтини подбуцнувања помеѓу ликовите, кои можеби и не се толку нереални колку што се едноставно здодевни и го поткопуваат кредибилитетот на драмедијата да го оствари својот долго граден премин кон трагичен епилог.

Со оглед на сите овие слабости, епилогот на Не се клади на Енглези е изненадувачки убедлив. На самиот крај, драмскиот автор врши авто-субверзија со која наративниот заплет кој го градел од самиот почеток станува неважен и му отстапува место на тематскиот расплет. Ако обложувањето и онака не може да понуди решение на многу подлабоките внатрешни маки на ликовите, тогаш сосема е неважно кој од нив тројца ќе го „фати“ натпреварот. Наместо тоа, она што сите го очекуваме е: кој од нив – и дали некој воопшто – ќе сфати дека сите тројца се губитници без оглед на исходот? 

За претстава која дотогаш толку експлицитно го мапира својот тек, отсуството на дефинитивен одговор на ова прашање е најизненадувачкиот можен – а со тоа и најзадоволителен – завршеток. Откако натпреварот ќе заврши, на дејството му преостануваат две можни рути. Едната е комична: среќникот (Буле) да открие дека си го загубил ливчето, или можеби дека си ја згрешил прогнозата кога го пишувал ливчето, или што било во таа насока. Ваквото финале – нешто налик на култниот српски филм со неодоливо слична тема, Kad porastem biću kengur – ќе беше разочарувачки триумф на комедијата над, во оваа претстава, далеку помоќната трагедија.

За среќа, изборот паѓа на трагичната рута: Буле демонстративно го кине добитничкото ливче на илјада парчиња и значајно објавува дека оди да се „запосли“. И тогаш следува јаготката на шлагот на тортата, која никого не остава рамнодушен. Наместо завесата да се крене веднаш по ова драматично соопштение, ги гледаме другите двајца другари како кучешки ползат по сцената и го прилепуваат скинатото ливче. Наративниот конфликт се решава со завршувањето на натпреварот, но тематскиот конфликт останува неразрешен: двајца од нашите анти-херои продолжуваат да робуваат на својот порок. Не се клади на Енглези завршува со квота X.

Пропратни согледувања

  • Неслучајно ликот на Микиќ ја добива завршната реплика. Со најголем stage time од сите тројца (буквално не ја напушта сцената откако ќе се појави речиси на самиот почеток), Микиќ апсолутно го краде шоуто од Коцев.
  • Сепак, фактот што откако падна завесата се слушаше само „Саааашко, Саааашко“ доволно зборува за култниот статус на Коцев пред скопската публика.
  • Очајно недостасуваше женски лик. Фактот што жената на Паун постојано се јавуваше по телефон, а никогаш не се покажа, го направи овој дефицит дури и невкусен.
  • Убаво беше да се чуе претстава на скопски. Многу поприродно, а и тематски соодветно.
  • Авганистан-е, Авганистан-у, или Авганистан-о? 

Кристијан Фидановски

Have your say