Магнетизмот на „Венера во Крзно“ ја брише линијата помеѓу реалноста и фикцијата

"Органското префрлање на доминацијата од Томас во Ванда е климакс на брилијантниот портрет кои актерите Ивана Павлаковиќ и Влагој Веселинов го насликуваат за овие два несекојдневни лика. "

Кон „Венерa во Крзно“ од Дејвид Ајвс, во режија на Ивана Ангеловска

Оцена: 5/5

„Венера во Крзно“ од Дејвид Ајвс е претстава водена од два лика чија премиера оригинално била изведена во Њу Јорк, 2010 година, Офф Бродвеј. Длабоко инспирирана од класичниот, истоимен роман на Леополд Вон Сахер-Мазох (од каде што патем потекнува терминот мазохизам), претставата доживеала таков успех па се закитила со Тони награда, и обезбедила дополнителна продукција во лондонскиот престижен Вест Енд. Универзалното критичко прифаќање на брилијантниот текст на Дејвид Ајвс за среќа дошло и до вниманието на македонската театарска режисерка Ивана Ангеловска, па нејзината верзија ја доживеала својата премиера на 9-ти декември минатата година при театарот Навигатор Цветко во Скопје, а истата беше дел и од придружната програма на 54-тиот театарски фестивал, Војдан Чернодрински.

Го искористив терминот „за среќа“, зошто тоа што режисерката успеала да го долови е една минималистичка, одлично одглумена и бескрајно влијателна студија на комплексната врска помеѓу два навидум сосема различни карактери. Текстот ја запознава публиката со Томас, надежен драматург/режисер кој држи кастинзи за неговата верзија на „Венера во Крзно“ од Мазох. Тој е разочаран и видно изнервиран од неадекватноста на сите кандидатки, се додека во последен момент не се појави бескрајно харизматичната, но некако сирова и вулгарна Ванда која го убедува да и дозволи да му покаже што знае и умее. Аудицијата е полна со одлична динамика и тензија па ликовите се соживуваат со оние кои ги читаат до степен на бледнеење на линијата помеѓу оние на сцената и тие на хартијата.

Органското префрлање на доминацијата од Томас во Ванда е климакс на брилијантниот портрет кои актерите Ивана Павлаковиќ и Благој Веселинов го насликуваат за овие два несекојдневни лика. Тие имаат завидна хемија и многу лесно и комфорно играат еден од друг што придонесува кон енергетичен и доста убедлив перформанс. Во сите 80 минути од кои што трае претставата, тие не посегнуваат кон преголема драматичност или вештачење, туку ги користат сите алатки кои им се на располагање на сцената за да Ивана целосно се изгуби во Ванда, а Благој во Томас.

Успехот на перформансот му должи дел и на сцената како и на костимите од Марта Дуфне. За претстава која се состои само од 2 лика, минимализмот кој е искористен во продукцијата се состои од еден футон, маса и тон облека, и е клучен.  Тоа најмногу се чувствува во небаре мали реквизити како коланот кој Ванда го носи околу нејзиниот врат, ладалото кое го користи за да не заборавиме кој е актерот а кој ликот како и контрастот на боите од невино бел фустан до фетишистичка кожи и скинати чорапи. Секој детал е внимателно биран и како резултат на тоа, плодот од трудот на продукцијата е длабоко почуствуван.

„Венера на крзно“ ја носат два лика, но товарот подеднакво го делат двајцата актери и режисерката кои заедно успеале да создадат огромен дијамант на круната на македонскиот независен театар.

Петра Бранковска

Have your say