„Доплер“ или како да се спасиме додека уште можеме

„Поповски умешно ја режира претставата вешто работејќи со сагата за Доплер, при што ни става до знаење дека зборуваме за два света, иако стојат еден покрај друг.“

Претставата „Доплер“ е во режија на Александар Поповски, според мотивите од истоимениот роман на Ерландо Лу. Претставата е направена во копродукција на Српското народно позориште и Центарот за визуелна култура од Нови Сад.

Во претставата играат Страхиња Бојовиќ, Јована Стипиќ, Радоје Чупиќ, Јована Балашевиќ, Ненад Печинар, Игор Павловиќ, Соња Исаиловиќ/Исидора Вилчек, Никола Пудар, Александар Гајин и Милорад Капор.  

Страхиња Бојовиќ го гради Доплер како човек под тензија кој се обидува за себе да создаде нов живот преку бегство во шума. Цел живот морал да биде брилијантен и тој тоа веќе не го може, па си заминува. Бојовиќ го игра со разбирање, па неговиот Доплер ѝ е близок и познат на публиката. Играта на ансамблот е спонтана и во добар ритам, актерите создаваат еден изместен, но складен свет. Ненад Печинар е убедлив како Дизелдорф, вистинит во својата ексцентричност, а Јована Балашевиќ прецизно ја игра Класната која со толку доброто владеење со себе станува неосетлива. Создавајќи го нејзиниот лик, Балашевиќ ни дава една од дијагнозите на нашето време.

Радоје Чупиќ е маестрален Бонго, сојузникот за шумски живот на Доплер. Неговиот Бонго е токму онаков каков што го создава и Лу – од периодот кога го запознаваме како малечок, преку фантастичниот влез во пубертетот, каде Бонго трансцендентира во надреален Индијанец. Бонго е самата природа која го чувствува светот и чии инстинкти и понатаму делуваат во негова корист. Чупиќ го претставува како некој кој поседува поинакво знаење, како вистинско тотемско животно на Доплер. Целиот тим на претставата го оживува светот на Лу преку концентрирана игра и токму благодарение на играта, целиот свет е во силен дијалог со гледачот.

Ерланд Лу овој роман го напишал во зората на овој милениум и тој на еден луциден, бизарен, а сепак мудар начин ја донесува драмата на модерниот човек. Ако од една страна го имаме Уелбек кој иднината ја гледа како дистопија, Лу би бил оној кој гледа можност за промена. Преку радикалните потези кои човекот ги влече, прогонуван од сопствената интуиција, односно од она малку што од неа останало и се уште мрда.

Драматургот Николина Џукановиќ го гради дејството пратејќи ја нарацијата на романот, со нагласок на смртта на таткото на Доплер пред тој да се одлучи за бегство во шумата и на пасивниот општествен притисок да биде одличен, како и малата можност да избега и да се промени, а токму тој јаз низ кој продира малку светлина ја донесува смртта на неговиот татко.

Поповски умешно ја режира претставата вешто работејќи со сагата за Доплер, при што ни става до знаење дека зборуваме за два света, иако стојат еден покрај друг. Светот од кој Доплер доаѓа е свет на неонски светла и дивјачка отуѓеност. Покрај него, постои светот во кој Доплер бега како назнака за враќањето во органското. Иако овие два света коегзистираат, режисерот нагласува дека се јасно одвоени, како што и потсетува дека ризикот и волјата за игра се еден вид на иницијација во шумскиот/спасоносниот свет.

Со изборот на џез како музика која ја врамува претставата, режисерот на публиката ѝ го пружа задоволството на читање на романот „Доплер“. Прецизно ја пренесува духовитоста на Лу и низ неа ги ослободува гледачите од напнатоста. Сценографијата на Магдалена Влаиќ јасно ги прикажува двата света – едниот отуѓен, додека другиот допушта медитација и акција. Костимите (исто така дело на Влаиќ) се главен мотор на ликовите – изместени ала Вес Андерсон и свои.

„Доплер“ на еден нетипичен начин нѐ повикува на храброст. На онаа вистина дека што и да одлучиме со умот, вистинската одлука секогаш доаѓа од некое друго место.

Наташа Гвозденовиќ

Have your say