„Девојчето со кибритчиња“ во 21-виот век доаѓа од Источна Европа

"Текстот на Марјан Неќак, Маја Хрговиќ и Ана Бунтеска се обидува да биде интимна драма во која публиката ќе се пронајде. Сепак, тојне успева да најде свеж пристап кон доста исцрпена источно-европска тема - борбата на сиромавите, талентирани луѓе за подобар живот некаде далеку"

Кон „Девојчето со жиците“ во режија на Марјан Неќак, текст од  Марјан Неќак, Маја Хрговиќ и Ана Бунтеска

Популарната бајка од Ханс Кристијан Андерсен за едно девојче кое умира од студ во обид да продаде кибритчиња е можеби еднa од најпрославените и најинспиративните приказни од 20-тиот век. Таа очигледно била инспирација за  македонскиот композитор и режисер Марјан Неќак, кој во оваа претстава насловена како „Девојчето со жиците“ ја пренел есенцијата на данската приказна во едно ново време со слични проблеми. Паралелата со семејното насилство и родителската (не)грижа се очигледни, додека искористувањето на детската работна сила е заменето со бегање во „ветена земја“ која тешко прима дојденци. Навидум доста директен осврт и поента, од која оваа 70 минутна претстава сепак успева да „загризе повеќе отколку што може да соџвака“. 

Девојчето со виолина (Барбара Церар) кое бега во долго идеализираната Европа е талентиран музичар со тешка семејна историја. Таа се обидува да започне нов живот во Австрија додека е прогонувана од сеќавањето и влијанието на нејзиниот покоен татко (Урош Фурст) кој никако не заминува од нејзината потсвест. Сцената ефективно го прикажува менталниот терор низ кој таа поминува во секој момент од нејзиниот живот- социо – политичките спреги во форма на цариници со огромни предрасуди и непријателска клима која е дизајнирана дојденците да не се чувствуваат прифатени. Сепак,успехот на користењето на разни аудио-визуелни елементи (кратки снимени инсерти проткаени со гласни звуци од средината во која треба да се наоѓа) е пресечен од потребата претставата да си игра со повеќе жанрови. Двата лика во конфликт најсилно ги изразуваат своите чувства преку песни кои иако се со духовит текст, предизвикуваат атмосфера на неудобност и неприпаѓање. Изразените технички проблеми, заедно со одлуката зборовите некохезивно и хаотично да се прикажуваат во позадината на ликовите, делуваа збунувачки и нејасно.

Текстот на  Марјан Неќак, Маја Хрговиќ и Ана Бунтеска се обидува да биде интимна драма во која публиката ќе се пронајде. Сепак, тојне успева да најде свеж пристап кон доста исцрпена источно-европска тема – борбата на сиромавите, талентирани луѓе за подобар живот некаде далеку. Фактот што тројца луѓе нафрлиле милион идеи да го „појачат“ и „субверзираат“ ова клише со микс од рок-ен-рол, електроника, опера па дури и циркусни нумери го прави текстот презаситен и значително некохезивен. Едноставно кажано, на претставата и фали сериозна драматургија. 

Придружувајќи се кон таа мисла, актерската игра го прави најдоброто со материјалот кој и е даден. Барбара Церар дава интензивен и емотивен настан каде успева да формира целосен и комплексен лик од инаку пренатрупаниот текст. Таа ја носи целата претстава на својот грб заедно со својата виолина која на крајот на краиштата, ја придружува цел живот за подобро или полошо .

Самиот Неќак е добро запознаен со начините со кои може да се постигнат ефективни резултати за да се направи еден моќен и модерен текст. Неговиот творечки опус кој успешно ја спојува љубовта кон драмата и музиката е доказ за тоа. Овој пат, за жал,  можеби станал колатерална штета на сопствениот перфекционизам.

3/5

Петра Бранковска