Новогодишен осврт – Јована Ѓорѓиовска

„Издвоив 3 филмови, 7 претстави, 4 серии и 6 анимиња кои ми оставија најголем впечаток годинава.“

Кога првпат зборувавме со Петра околу новогодишниот осврт, моја беше идејата да не се ограничуваме само на филмови – едноставно знаев дека ќе ми биде многу тешко да направам ретроспектива, а притоа да не ги вклучам претставите, сериите и анимињата кои ми ја обележаа годината. Според личната архива и бројките на Trakt.tv, од 365 дена годинава сум посветила точно еден месец на гледање работи што резултира во огромна листа препораки. 🙂

Филмови

Јужнокорејската акциона комедија “Extreme Job” (во режија на Бјеонг-хеон Ли) првпат ја гледав на затворањето на Фестивалот на филмови од далечниот Исток во Удине, Италија, каде што целата сала постојано реагираше на случувањата на филмското платно. Од тогаш го гледав уште три пати и го препорачувам буквално секогаш кога некој ќе ми каже дека азиската кинематографија му се чини малку далечна. Филмот одлично функционира и за европска публика, токму поради тоа што вешто ги користи културните стереотипи за да докаже поента!

Да ми кажеше некој по Балканската премиера на “Take Me Somewhere Nice” на Сараевскиот филмски фестивал дека пет месеци подоцна ќе го вклучам во листата на препораки за 2019 година, манично ќе се насмеев и ќе почнев да аргументирам што сѐ не функционира во филмот. Денес сѐ уште мислам дека има многу слабости, но го издвојувам од две важни причини: Сендијаревиќ слободно можеме да ја наречеме предводник на новата Балканска естетика (самиот трејлер е одличен доказ за тоа) и главниот женски лик, за промена, има силна самоицијативност и одлучност (слично како во бугарскиот „Сестра“ на Светла Цоцоркова).


Театарски претстави

Една од најдобрите претстави што ги гледав на МОТ 2019 (и годинава) е „Арапска ноќ“ во режија на Зоја Бузалкова и продукција на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“. Прекрасен драмски текст како основа + генијално осмислена сценографија + одлична актерска игра + музика изведувана во живо од Фолтин = 90 минутна хипноза. Слична хипноза ми предизвика и „Бакхи – краток преглед на распадот“ во режија на Игор Вук Торбица и продукција на битолскиот театар. Нема да се повторувам, прочитајте ја рецензијата. 😉


Спротивно од голем дел познаници и пријатели, монодрамата ми е еден од омилените театарски жанрови. Признавам, кога е лошо направена, не може да се избегне соочувањето со единствениот актер. Ама кога е добро направена, станува уживање од посебен калибар. Епа „Комедијантката“ (во режија на Невена Митева и изведба на Маја Бежанска од Бугарија) е одлично направена претстава и мојот личен фаворит од годинешното издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола. Бежанска ги користи сите актерски средства така вешто и квалитетно да комплетно препуштање на приказната е неопходно. На тема монодрама, вреди да ја спомнам и „Океанот“ на Симона Димковска – проф. Д-р Ана Стојаноска многу добро ја објаснува нејзината вредност.


„Човечкиот срам“ (во режија и драматургија на Силвија Грибауди и Матео Мафезанти), „Оваа зграда зборува навистина“ (во авторство на Филип Јовановски и продукција на Музеј на Град Скопје) и „БЕЗ АВТОРСКИ ПРАВА©“ (во режија на Милош Б. Андоновски и продукција на Кино Култура) ги спомнувам заедно, поради тоа што, по мене, имаат една важна заедничка карактеристика: обработуваат актуелни теми и се потпираат на врската актер-публика како клучна во драмското дејство. За првите две претстави веќе напишав рецензии, а популарноста на „БЕЗ АВТОРСКИ ПРАВА©“ допрва доаѓа! 


Серии и анимиња

Одлични актери во главните улоги како супер херои, неверојатно креативен режисерско-продукциски тим и непредвидлива амбициозна приказна која е однапред напишана да трае точно три сезони, ни помалку ни повеќе. Од патувања низ времето и тешки филозофски прашања претставени преку халуцинаторни визуелизации, до анализа на машко-женските улоги и стигмата околу менталното здравје во денешното општество, “Legion” ги крши сите граници и на традиционалните приказни за супер херои и на очекувањата за тоа како изгледа една телевизиска серија (а замислете, во продукција на FX). Ако ви треба уште убедување, погледнете ја мојата омилена сцена. 😉


Уште една серија за супер херои (ветувам, подолу спомнувам и серии на други теми!), но овој пат фокусирана на истражување на политичката ситуација во Америка и ефектите на смртоносната комбинација од капитализам + постојана употреба на интернетот, во продукција на (каков парадокс) Amazon Prime. Зачинета со многу црн хумор и прецизно изградени карактери, “The boys” е серија што брзо се гледа но слоевитоста ќе ве замислува долго потоа.


За тие што не се љубители на супер херои, да си го исполнам ветувањето: иако станува збор за двајца најдобри пријатели во нивните пензионерски денови, „The Kominsky Method“ во продукција на Netflix, за мене, е најреалистичната комедија годинава. Ова не е од оние серии за кои мора да сте во таргет публиката за да ги доживеете целосно. Напротив, тоа што светот го гледам од женска перспектива и имам 26 години (но понекогаш се чувствувам како пензионер), дополнително ја потенцира автентичноста на прикажаните настани. На крајот од сезоната, ќе се прашувате како би изгледал светот ако сите бевме толку мудри и елоквентни како карактерите на Мајкл Даглас и Алан Ларкин во серијата.  


18те анимирани епизоди на “Love Death + Robots” се таман за моментите кога ви се гледа нешто кратко а ефектно: дистописки идеи за иднината, уметнички прикажан нихилизам, комплексни морални прашања и NSFW естетика, спакувани во помалку од 20тина минути. Секоја епизода е посебна приказна, па препорачувам умерено гледање наместо binging! Лични фаворити: „Three robots“ (е2), “When the Yoghurt Took Over” (е6), “Good Hunting” (е8) и “Zima Blue“ (e14). 


“Demon Slayer” e најдоброто shonen* аниме во 2019 година, а можеби и воопшто. Во свет во кој постојат демони, едно младо момче се придружува на единицата која се бори против нив во потрага по лек за неговата сестра. Одлична анимација, суптилно раскажана приказна и добро осмислени карактери – секоја епизода е ремек дело сама по себе!


“Mob Psycho 100” почнува полека и изгледа доста едноставно и лежерно: просечен средношколец со потиснати пара-психички моќи оди на пракса кај самопрогласен медиум кој нема апсолутно никакви моќи. Користејќи ја архетипската борба помеѓу доброто и злото како основа, серијата се развива во генијална обработка на важноста на емоционалното созревање и испраќа важна порака за потребата од заемна почит и добро однесување меѓу луѓето. Откако ја изгледав, постојано се прашувам какви генерации млади луѓе би пораснале во Македонија ако ваква серија одеше во ударен термин на националната телевизија!


Спакувана како фантастична авантура, “That Time I Got Reincarnated as a Slime” е можеби најоткачената верзија на isekai** аниме која некогаш сум ја видела. Просечен канцелариски работник загинува во уличен напад, па се реинкарнира во лига со предаторска моќ да ги презема вештините на други суштества во светот, под услов да ги изеде. По пат станува најдобар другар со огромен змеј, успева да формира човечки лик и ја модернизира тамошната цивилизација. Секој понатамошен опис е излишен, но ако сте љубители на isekai, препорачувам да ги погледнете и “Ascendance of a bookworm” (за мало девојче опседнато со книги, во свет во кој книгите се ретко богатство), “High School Prodigies Have it Easy Even in Another World“ (на тема како да создадете демократско општество со помош на малку религија и тегли мајонез) и “The Hero is Overpowered but Overly Cautious” (полно со смешни референци кон постапките на играчи на RPG игри). 


*Shonen обично реферира на манга и аниме кои се особено привлечни за млада машка популација.
**Isekai реферира на посебен жанр во Јапонската уметност каде нормална личност од Земјата е транспортирана/реинкарнирана во паралелен универзум.

Јована Ѓорѓиовска

Have your say