Новогодишен осврт – Петра Бранковска

„10 од најдобрите филмови и серии во 2019 година.“

Филмови

Корејскиот маестро на социјалните драми, Бонг Ју Хо, оваа година направи нешто што не му успеало на ниеден корејски филм до сега (за жал) – „Паразит“ ја доби Златната Палма на Канскиот Филмски Фестивал. Тој ја прикажува класната нееднаквост во родната земја на брилијантен, досетлив и хумористичен начин и покрај гротескните сцени на насилство. Филмот одлично го погаѓа цајтгајстот на времето во кое што живееме и изобилува со мал милион иронични реплики кои долго време остануваат запамтени.

Адам Драјвер и Скарлет Јохансон ги заслужуваат сите награди на светот за маестралниот актерски двобој кој го имаат во најновиот филм на Ноа Бомбех, „Брачна приказна“. Како и кај неговите претходни филмови „Франсес Ха“ и „Лигњата и Китот“, тој го користи Њу Јорк во сценариото како трет лик за да раскаже прекрасна љубовна приказна низ призмата на трауматично искуство како развод. Црпејќи од својот личен живот, ова е можеби најпаметното, најдосетливо но во исто време најцелосно заокружено сценарио што некогаш го напишал, полно со сирови емоции кои никого не оставаат рамнодушен.

Мастерклас во суптилна обработка и развој на ликови маскиран во паметен и донекаде реалистичен научно-фантастичен филм. „Ад Астра“ има само една слабост – не е соодветен за гледачи кои сакаат одговорите да се сервирани веднаш за конзумација или пак фанови на брзото филмско темпо. Тој полека навлегува дабоко во стоицизмот и отуѓеноста на своите главни ликови за да долови многу важна поента додека не носи високо над ѕвездите. 

„Збогувањето“ е комедија која е длабоко вкоренета во кинеската култура и традиција. Кинеско-американската режисерка Лулу Ванг го напишала сценариото токму од нејзината лична животна приказна – целото семејство решава да не и каже на баба и дека боледува од рак, туку да исценира лажна венчавка само за да поминат повеќе време со неа. Главната хероина Били (Аквафина) е алтер-егото на Лулу Ванг која низ низа комични и неверојатни ситуации се бори со тежината на вистината и дознава нешто повеќе за себе си во процесот. 

Филмот трае 209 минути, односно 3 часа и 29 минути. Дали вреди човек да се труди да задржи внимание толку време? Апсолутно да. „Ирецот“ максимално ја користи секоја минута за да ги изгради комплексните ликови, нивните мотиви и тешки избори кои конечно ги прават за да емоционалниот импакт е издржан. Мартин Скорсезе како да го извлекол секој адут од својот арсенал за да го направи овој филм од епски пропорции кој успешно користи нова, помалку контроверзна технолгија за подмладување која е (скоро) беспрекорна.

Серии

Креаторот Дејмон Линделоф (на публиката познат поради хит сериите „Изгубени“ и „Преостанати“) го направил скоро невозможното со квази адаптацијата односно хибридниот римејк/продолжение на највлијателниот стрип на сите времиња, „Чувари“. Тој создал неверојатна социјално-политичка драма која ја содржи есенцијата на стрипот, а таа е засилена со силна актерска игра (Реџина Кинг и Џереми Ајронс особено) и паметно сценарио. Најдобрата серија во 2019, без никакво сомневање.

Во продукција на ХБО како и преходната серија, „Наследници“ е есенцијално игра на моќ, пари и привилегија. Инспирирана од Руперт Мурдок и неговото семејство кои го поседуваат најголемиот медиски конгломерат во САД, серијата го следи семејството Рој во нивната крволочна борба меѓу себе за наследството и главното место во компанијата кое го зафаќа патријархот Логан Рој (Брајан Кокс). Интелегентно сценарио, добро сработена приказна и интригантни ликови со кои може да се емпатизира и покрај нивниот животен стил. 

Втората сезона од критички одобрената серија на Фиби Волер-Бриџ (“Fleabag”) е уште поневеројатна од првата. Таа гради врз комплексноста и репресираната болка на хероината за ликот да созрее, а 6 кратки епизоди од по половина час е совршен формат за да се заокружи нејзината приказна. 

Феноменот за 2019 на глобално ниво, „Чернобил“ е практично настан за кој сеуште никој не престанува да зборува а ниту пак да ја препорачува серијата. Кинематографијата е можеби највпечатливата мајсторски завршена работа во цела 2019 каде боите, деталите и атмосферата целосно го внесува гледачот во соживување со катастрофата на декадата.

Најдрагото откритие за 2019та чии 3 сезони беа конзумирани во рок од некоку дена. „Неверојатната г-ѓа Мејзел“ е топла, забавна и паметно напишана серија за домаќинка во 50тите и нејзината еманципација во модерна, самостојна жена која сака да стане стенд-ап комичар. Миџ Мејзел (Рејчел Бросханан) е еден од тие ликови кои им го разубавува животот на секој кој ке се поврзе со неа и е можеби еден од најдобро напишаните карактери во 2019. 

Петра Бранковска

Have your say