Новогодишен осврт – Филип Мишов

„Трите најдобри филмови во 2019.“

Без двоумење, „Медена земја“ е филмот кој ми остави најголем впечаток во 2019 година. Секако, уште подраго ми е што се работи за македонски филм кој постави преседан, ги подигна границите до максимум и покажа дека врвот е дофатлив. Не се сомневав, но сакав да го повторам уникатното чувство, три пати го погледнав во рок од 10 месеци и секој пат забележував нов детаљ на кој се импресионирам. Едноставно, за „Медена земја“ може многу да се зборува, а досега немам сретнато ниту еден човек да ми претстави аргументирана критика што точно не му се допаѓа во филмот. Од сировото претставување на животот и природата, до солза – чистата душа на Атиџе и неверојатната кинематографија на Даут и Љума. Искрено, се надевам дека „Медена земја“ ќе биде и медена година за македонскиот филм, а на екипата уште еднаш, по не знам кој пат, им симнувам капа долу!

Актерската игра на Хоакин Феникс и тензичната атмосфера во режија на Филипс која чекори по работ на стравот е доживување кое предизвикува непријатни чувства и тоа е тешко да се негира. „Џокер“ пријатно ме изненади, иако бев скептик во однос на режисерот кој е најчесто познат по комедиите, апатијата која владее исполнета со звуците на Гуднадотир ги заслужува сите пофалби. Конечно, по неколку години неоправдан хумор во мноштвото филмови за хероите од „Марвел“ и „Ди – Си“, претставен е (анти) херој со кој може да сочувствува општеството. За мене, дефинитивно еден од филмовите на годината и голем залак за Феникс и Филипс кои успеаја да се носат со високите очекувањата кои го поставија претходните актери и режисери кои работеа на Џокер.

Тарантино или го обожавате и сте големи фанови или не сакате повеќе ништо да гледате од него, јас сум во првата половина и „Си беше еднаш во Холивуд“, според мене, е еден од неговите најдобри филмови. Исклучително забавни два ипол часа во кои може совршено да се уверите како Квентин управува со филмската палета на алатки и создава свет од кој не сакате да излезете. Актерската игра на Ди Каприо, Пит и останатата квалитетна екипа е само бонус, а по долги години филмофилот конечно се доближи до забавата која ни ја приреди со „Евтини приказни“. Уживајте во уметникот Тарантино, бидејќи останува уште неговиот последен филм, кој дефинитивно ќе означи крај на една ера!

Филип Мишов

Have your say