Новогодишен осврт – Евгенија Арсова

„Три потсетници за причината поради која јас сум толку вљубена во филмовите како појава.“

Овој новогодишен осврт го посветувам за трите највпечатливи и најзначајни филма коишто ми беа како еден потсетник во текот на 2019 година за причината поради која јас сум толку вљубена во филмовите како појава.

Никогаш не сум била некој голем љубител на филмовите со суперхерои. Но отсекогаш сум уживала во безвременската приказна за Питер Паркер, младото момче, кое сосем случајно се здобива со супермоќи и станува добропознатиот човек – пајак. Низ годините неговиот лик беше игран од неколку актери, од кои без никакво сомнение Том Холанд е најсоодветен за улогата. А тоа тој и самиот го потврди уште еднаш во најновиот филм од трилогијата, во кој на публиката и се дава до знаење дека ова беше само почетокот и дека Паркер допрва ќе го искорени злото. Всушност „Спајдермен – Далеку од дома“ е филм, кој му е навистина потребен на светот денес, бидејќи ни доловува дека обично оние луѓе од кои никој ништо не очекува, токму тие прават неочекувани нешта.

Она коешто Тод Филипс годинава го принесе на големото платно е филм каков што никогаш не би можела ниту да си замислам дека ќе го освои моето срце. Пред да се здобијам со самото филмско искуство бев пренатрупана со предрасуди кои со текот на самиот филм исчезнаа. Претпоставувам дека секој љубител на филмовите е запознаен барем со дел од приказната за еден од најголемите негативци, таканаречениот Џокер, но се чини дека публиката честопати го осудува неговиот лик сметајќи го за олицетворение на злото. Додека во Филипсовиот „Џокер“ ни е прикажан ликот во сосем друго светло, како беспомошен, изгубен човек, кој само сака да биде разберен, почитуван и искрено сакан од страна на тие околу него, за жал тој е отфрлан и оставен самиот на себе, па дури и од сопствената мајка. Овој филм ме остави во неизвесност, исполнета со многу измешани чувства, затоа што навистина одамна не се бев соочила со приказна прекомплексна за да може да биде лесно сфатена од страна на обичен човеков ум.

Научно – фантастичната драма „Ад астра“ е само еден од многуте филмови кои ни ги разоткриваат тајните на универзумот, затскриени во вселенските далечини, но како и секој од нив и „Ад астра“ содржи свој оригинален осврт кон сето тоа. Се работи за филм со кој е јасно истакнато дека генијалноста и лудилото се издвоени со една исклучително тенка линија, а доколку не сме внимателни многу лесно можеме да се најдеме од другата страна. Тешкото и развлечено филмско дејствие е за сите кои сакаат да го погледнат, но само оние со огромно трпение ќе успеат целосно да уживаат во него.

Евгенија Арсова

Have your say