За мене, ова се дела кои (ми) ја обележаа годината и ми дадоа нескротлив порив за дополнително истражување и нивно прегледување повторно и повторно.
Најновиот филм на Мајк Милс, насловен “I am Easy to Find” е задолжителна лекција. Монохроматски и бавен пристап како приказ на човековиот живот во секоја развојна фаза. Музиката на The National суптилно владее со филмот, а темата веројатно за многумина изгледа многу наивна и обична. Мајк Милс и Алисија Викандер во главна улога, ги “парчосуваат” сите ваши сомнежи околу филмот.
Ако се преселиме кон еден друг тип на филмови, морам да го споменам оној за малото лавче, на кој не смеете да му се налутите, колку и да има негативни страни и „утнати“ моменти. На приказната за „Кралот лав“ сигурно (ќе) му се радува(в)те како мало дете од првите редови во киносалата (како што тоа го правев јас 😉 ).
На крај, среќата е уште поголема кога е поврзана со „Медена земја”, филмот кој ни донесе многу слатки радости годинава … И додека ги прегледуваме сцените од „Врба“, надевајќи се на повеќе емпатија.
„Детето сонува” од Ханох Левин, а во режија на Итаи Дорон и продукција на битолскиот театар ни претставува еден универзален проблем. Драмата ја открива приказната за патувањето на една мајка и нејзиното дете кои бараат некакво прибежиште по нивното протерување и убиството на таткото од група на војници. Воодушевувачка сценографија – богата, но не пренатрупана. Добрата актерска игра се темели на нагласок на емоциите, но онолку колку што е потребно. Тука сонот и јавето се во една симбиоза, давајќи ни дури и едно чувство на безизлезност од нас. Што е тоа човек и за што сонува тој?

Отсекогаш сум сакала да гледам претстави кои ја вклучуваат публиката во одреден нивни дел. Интеракцијата е добра алатка која веројатно има за цел поефективно да ја воведе публиката во дејството, но и да и даде можност и таа во мала мера да го оформи драмското дејство. Оваа постапка дефинитивно ме убеди дека “Детето сонува”, која имаше премиера на почетокот на годината, е највпечатливата претстава што сум ја гледала годинава.
Бојана Исијанин