„Златна рамка“: За отчетноста, новините и патот напред

...„македонската кинематографија решително излегува од тесните историски рамки фокусирани на Отоманското ропство и Југословенската држава, и полека но сигурно фаќа чекор со светските трендови. “

Последниот викенд од февруари имав можност да присуствувам на „Златна рамка“ – првата ревија на македонски филмови од изминатата календарска година. Во кино „Фросина“, бесплатно беа прикажани 8 документарни, 15 краткометражни и 2 долгометражни филмови. По замисла на Друштвото на филмските работници на Македонија, „Златна рамка“ се стреми да стане редовна отчетна ревија на актуелната македонска кинематографија.

Слон во собата

Пред да ги споделам сопствените впечатоци за овогодинешното издание, сметам дека е неопходно да го адресирам т.н. слон во собата. Што се случува со филмовите продуцирани во претходната декада за кои се потрошени милиони денари? Ќе има ли можност јавноста да направи подлабок увид во тоа какви дела биле финансирани од парите на даночните обврзници? Ќе имаме ли, како општество, сериозна и искрена дискусија за одговорноста која некој би требало да ја понесе за овие орудија на мегаломанска пропаганда, спакувани под етикетата „филм“? Она што најмногу ме мачи е прашањето како да се осигураме дека таква злоупотреба на уметноста нема да се повтори, особено што наместо да учиме од грешките, се чини како ние сосем лесно да ги заборавивме. Неопходно е да поставиме добро промислени критериуми кои редовно ќе се ревидираат, а тоа не би можеле да го направиме ако немаме целосна слика за залудно потрошените ресурси и изграден однос со публиката.

Токму желбата на публиката за интеракција со филмските работници е она што ми остави најголем впечаток од овогодинешното издание на „Златна рамка“, каде ја имав честа да ги модерирам дискусиите по филмовите. На почеток срамежливо и донекаде зачудено дека им се нуди можност да поразговараат со авторите, присутните гледачи често даваа информирани и добро потковани коментари за делата кои ги проследија. Од друга страна, присутните автори (кои беа малубројни, но комплетно отворени за разговор со публиката) често беа позитивно изненадени од конструктивноста на гледачите. За релативно ниската посетеност на проекциите (која делумно се должи на задоцнетото најавување на ревијата), во некоја друга прилика.

Новини во македонската кинематографија

Она на што би сакала да се фокусирам се моите впечатоци за прикажаните филмови. Како припадник на генерациите родени по осамостојувањето на Македонија, неизмерно драго ми е што македонската кинематографија решително излегува од тесните историски рамки фокусирани на Отоманското ропство и Југословенската држава, и полека но сигурно фаќа чекор со светските трендови. Конечно гледаме филмови кои отвораат егзистенцијални прашања, морални дилеми и табу теми за нашето општество – и тоа на голема врата. Од прашања за мешани бракови („Националност, вера, љубов“, во режија на Сабедин Али), до негативните ефекти на несреќата во Чернобил („Зошто јас?“ во режија на Сенад Абдули), имаме филмови кои не се плашат да се фатат во костец со комплексни теми, со цел истите да и ги доближат на нашата публика. Така на пример, во одличниот cinema verite есеј „Песна на Бекташот“, режисерот Гоце Цветановски успеал во 30 минути да ја раскаже приказната за еден од најважните ритуали на дервишите Бекташи, без ниту еден единствен збор, потпирајќи се само на интимното кадрирање и умешното монтирање на сировиот материјал.

Огромно мнозинство од краткометражните филмови прикажани на „Златна рамка“ заслужуваат пофалба и посебен осврт, па затоа ќе ги споменам само оние кои ми оставија најголем впечаток. „Камена градина“, во режија на Даријан Пејовски, претстави свеж експериментален пристап кон добро познатата и многупати обработувана тема, Старата скопска чаршија. „Љубовникот“, во режија на Игор Иванов, е солиден тивок филм кој одмерено ги крши ограничувањата на овој жанр, за да допре до модерната публика. Слична реинтерпретација прави и „Сонот за крвта и душата“, во режија на Игор Алексов, во кој богатата македонска митологија добива западно-европски шмек. Во анимираниот „Образец 16“, режисерот Иван Ивановски мудро ги обработува проблемите на бирократизираниот свет, а „Гробарот“, во режија на Арсим Фазлија, успева на еден деликатно хумористичен начин да го обработи можеби најтрауматичното искуство за едно дете. Шармантниот „И(с)згубени“, во режија на Антонио Велјановски, пак гради симпатичен свет преку речиси совршена кинематографија, интересна музика и штосно изградени карактери. Сепак, моето откритие на 2018та во македонската кинематографија е творештвото на младиот и скромен режисер Агим Абдула, филмовите „Почетокот“ и „Одлука“. Абдула еднакво квалитетно се бави со тешки етички прашања и секојдневни стресни искуства, притоа користејќи голема палета на филмски изразни средства. Па така, посветеноста на младата филмска екипа ги надминува ситните недостатоци во филмовите, презентирајќи две краткометражни остварувања кои треба да бидат прикажувани на фестивали и во кино салите.

Следни чекори

Неколку седмици по завршувањето на „Златна рамка“, редно е да подразмислиме што понатаму. Лично, сметам дека овој концепт треба да се мултиплицира и децентрализира. Претпоставувам дека првата реакција на еден ваков предлог ќе биде спомнувањето на лошите инфраструктурни и културни политики од минатата декада, и сите потешкотии за организаторите кои ќе произлезат од тоа. Сепак, имајќи го предвид светлиот пример на Патувачкото кино на Македокс, наивно би било да се одбие идејата за мултиплицирање и децентрализирање поради тоа што „едноставно нема услови“. Во имплементацијата на овој подвиг, верувам дека би сакале да помогнат и граѓанските/културните организации кои работат на локално ниво.

Конечно една (можеби) радикална идеја: зошто да не се размислува за системско решение преку кое ќе се овозможи онлајн дистрибуирање на филмовите снимени од пари на даночни обврзници? Така секој граѓанин кој има паметен телефон/таблет/компјутер и интернет конекција ќе може да ги погледне филмовите. Наместо да размислуваме како да се вратиме назад во „златните“ времиња кога кината биле полни, можеме да размислуваме како да ги искористиме неограничените можности кои ги нуди технологијата денес и да се обидеме да им ја однесеме метафоричката кино сала дома на гледачите. Но треба да сме на чисто: ова не е (и не треба да биде) заемно исклучливо со фестивалскиот живот на филмовите и нивното прикажување во малкуте кино сали со кои располагаме. Напротив, во време кога Европа финансира онлајн филмски фестивали, треба да размислуваме за онлајн дистрибуцијата на македонските филмови како комплементарен дел од животот на едно филмско остварување.

Јована Ѓорѓиовска

Have your say