Кон „Враќањето на Мери Попинс“, во режија на Роб Маршал, сценарио на Дејвид Меги, музика на Марк Шеиман и Скот Витман.
Оцена: 3/5
Често се прашувам која е потребата за снимање на n-ти дел од некоја приказна, особено кога станува збор за филмови кои го издржале т.н. тест на времето и постојат како кохерентно спакувани засебни целини. Треба ли да ја прифатиме идејата дека „сѐ е веќе измислено“ или едноставно Дизни пресметано ја капитализира носталгичноста на публиката? Во случајот на „Враќањето на Мери Попинс“, одговорот натежнува кон втората опција. Филмот е полн „празни“ калории: огромни количества агресивен оптимизам, но без никаква наративна вредност.

Дваесетина години по случувањата во петкратниот Оскаровец од 1964 година, Мајкл (Бен Вишоу, неверојатно кревок во својата тага) и Џејн Бенкс (Емили Мортимер, речиси еднодимензионална во својот топол ентузијазам) и неговите три деца (Анабел – Пикси Дејвис, Џон – Натанаел Сале и Џорџи – Џоел Досон) за влакно успеваат да ја спасат семејната куќа од запленување, со малку магична помош од Мери Попинс (Емили Блант). Должината на претходната реченица сведочи за едноставноста на самото сценарио, а дополнителна потешкотија е свесната одлука за речиси комплетно повторување на драмскиот развој од оригиналниот филм. Користејќи ги прототипизираните ликови и клучните точки од филмот на Стивенсон (пр. групна песна, 2D авантура, средба со чудна роднина, итн.), Маршал и Меги одлучиле празнините во приказната да ги пополнат со еден тон (на моменти стерилни) магични елементи, без да ја земат наративната целина предвид.

Иако генералната приказна е прилагодена на емоционалните потреби на современата публика, стандардните карактеристики на цртаните на Дизни се повторно присутни. „Враќањето на Мери Попинс“ се потпира на смртта на мајката на Анабел, Џон и Џорџи за да внесе дополнителна, иако непотребна, доза сериозност во приказната. Ова трауматично искуство за децата филмот го адресира единствено преку песната “The place where lost things go” во која Попинс сугерира дека децата би можеле да ја пронајдат мајка си (!) помеѓу изгубените кукли и лажици (патем, ова е единствената песна која лесно се памети и е номинирана за Оскар). Останатите песни се (очекувано) полни со добронамерни совети (“A cover is not the book”) и едноставни метафори (“Nowhere to go but up”).

Како и во мнозинството цртани на Дизни, главната потпора на јунаците во филмот се deus-ex machina спасители: магичната дадилка Попинс (Емили Блант) и нејзината десна рака, фенерџијата Џек (Лин-Мануел Миранда). Наместо да се потпре на изведбата на Џули Ендрус како Мери Попинс, Блант прави сопствена интерпретација што е главниот адут на филмот. Таа е неодоливо прецизна во строгите и автентично весела во комичните моменти.
Од друга страна, Миранда се инспирирал во огромна мера од претходникот Ван Дајк (дури го имитира и акцентот) и едвај успева да му даде сопствен печат на ликот на Џек. Иако и двајцата шармантно ги толкуваат доделените улоги, нивните карактери не функционираат во вакуум: талентираната актерска екипа не успева комплетно да го „спаси“ филмот од повтореното дејство и просечните песни.

Сепак, ако ги земеме предвид осумте оригинални приказни од Памела Траверс, тивкиот почеток на романтична врска меѓу Џејн и Џек, и најавите за уште едно филмско продолжение, Дизни има доволно простор за неопходното продлабочување на настаните во следниот филм. Иако „Враќањето на Мери Попинс“ е весел филм соодветен за помладата публика, приказната за магичната дадилка бара повеќе труд за да ги достигне високите стандарди поставени во 1964. Во спротивно, резултатот ќе биде уште една тура „празни“ калории.
Јована Ѓорѓиовска