„Во круг“: Што се случува додека полицајци кружат наоколу во ноќта?

...„строгото следење на правилото на тројство брзо води до монотон ритам и предвидливи моменти во развојот на карактерите и настаните.“

Оцена: 3.5/5

Според една стара латинска поговорка, сѐ што е совршено доаѓа во тројство (изворно: Omne trium perfectum), поради тоа што идеите изразени во тријади се далеку повпечатливи од идеите изразени во било која друга комбинација на бројки. Светската премиера на најновиот долгометражен филм на бугарскиот режисер Стефан Командарев насловен „Во круг“ (патем, дел од трилогија) се случи на 25-тото издание на Сараевскиот Филмски Фестивал, каде филмот ја доби наградата од Cineuropa, а единствената актерка во главна улога Ирини Јамбонас беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот. 

Филмот ја следи тријадната формула „од А до Ш“, при што користи репетитивни наративни елементи за да ја нагласи кружната структура на приказната на која се фокусира. Во „Во круг“, Командарев исцртува психо-географска мапа на главниот град Софија ноќе, инспирирајќи се од приказни од вистинскиот живот и различни социјални проблеми (нелегален шверц на мигранти, врсничко насилство, итн.).

Ноќта помеѓу 9-ти и 10-ти ноември 2019 година, точно пред 30 годишнината од падот на комунизмот, три полициски возила (по двајца офицери во секое) возат низ Софија на ноќна патрола. Иако нивните рути често се испреплетуваат, единствената вистинска интеракција помеѓу трите тимови полицајци се случува преку посредници како што е еден „херој“ кој „патува“ низ областите на секој полициски тим. Преку одбирање на три архетипски социјални односи, Командарев и сценаристот Симеон Венциславов поставуваат многубројни прашања за индивидуалното чувство на етичност. Динамиката на првиот тим полицајци наликува на однос помеѓу татко и син, отелотворувајќи го меѓугенерацискиот конфликт помеѓу потребата за послушно следење на правилата без воопшто да се разгледаат други опции и нагонот за адаптирање на дадената ситуација, дури и ако тоа значи прекршување на полициските протоколи. Следниот пар полицајци е (очекувано) составен од полицајци од спротивни полови, кои заедно ги истражуваат многуте возможни форми на модерната љубов, почнувајќи од невообичаени и „засрамувачки“ романтични интеракции до целосна поддршка кон партнерот во особено тешки моменти. Слично на овој пар, последниот тим полицајци е фокусиран на нијансите на модерното машко пријателство изразено преку разговори на тривијални теми и убедување дека „заедно сме во ова“, што создава принуден механизам на фидбек кој ги води во заблуда дека се непобедливи и над законот. 

Кога станува збор за наративот на „Во круг“, тријадната композиција е очигледна и во искуствата на шесте протагонисти и во приказните на споредните карактери со кои интерактираат. Можеби инспирирани од долгогодишната традиција на чести жанровски промени во азиската кинематографија, Командарев и Венциславов започнуваат со „лесно варлива“ црна комедија базирана на анегдоти од балканската историја и социјални стереотипи кои се длабоко вградени во бугарското општество и целиот полуостров. Откако на публиката ќе ѝ дозволи да се поврзе со главните карактери, „Во круг“ суптилно преминува во покомплексна територија каде полицајците (и гледачите) ги очекуваат морални крстосници и повеќеслојни прашања за животот и смртта. Неколку од споредните приказни се толку емотивно силни што остануваат во мислите на гледачот и надвор од нивната „филмска третина“: Еден професор бега од пензионерскиот дом за да оди на проекција во одамна распаднато кино, додека едно дете, при враќањето дома од играње шах, е брутално нападнато на улица од негови врсници. Емоционалните откритија и екстремно тешките одлуки во вториот дел од филмот градат тензија која потоа лесно се разрешува во филмското финале. Сценаристите ја изненадуваат публиката со уште еден слој комедија, но овој пат свесно го поттурнуваат (дотогаш) реалистичниот пристап настрана, што отвора многу прашања за вистинитоста на настаните во претходните делови од филмот. 

Брзата монтажа на гледачите им дава доволно време за да емпатизираат со полицајците без притоа да им дозволи предлабоко да размислуваат за настаните на големото платно. На овој начин, Командарев лесно ги „надмудрува“ очекувањата на публиката и го постигнува ефектот на „ударна реплика“ во секоја од приказните. Иако на моменти го отежнува гледањето, камерата во рацете на Веселин Христов и кадрите снимени од субјективна точка на гледање на настаните, на публиката ѝ даваат впечаток дека тие се третиот, невидлив член на полициските тимови на ноќна патрола, кои треба да разберат што всушност се случува во исто време како и самите протагонисти (и, индиректно поврзано, впечатокот за „третиот член на тимот“ е уште една деликатна линија која води кон „совршеноста на тројството“).  

Сепак, како што филмската приказна напредува, строгото следење на правилото на тројство брзо води до монотон ритам и предвидливи моменти во развојот на карактерите и настаните. И покрај социјалниот реализам кој е длабоко вгнезден во проблемите кои ги обработува „Во круг“ и сировата актерска изведба, филмот се чини нереалистичен и на места, дури и невозможен – голем дел од одлуките на главните карактери се направени набрзина, без никаква дилема околу нивните практични ефекти. Начинот на кој се носат одлуките, потпрен на потребата за напредок во приказната, ретко има смисла во поголемата слика за карактерниот развој на главните ликови, но предноста е во тоа што овозможува затворање на мнозинството наративни „кругови“ во филмот. 

Освен личните коментари за современите проблеми во бугарското општество, Командарев ја користи кружната приказна да претстави уште едно, далеку поголемо прашање: Дали нешто е сменето во последните 30 години од падот на комунизмот во ноември 1989 или (повторно) сведочиме историско дежа ву? Репетитивните настани претставени во „Во круг“ како да посочуваат на втората опција. 

Јована Ѓорѓиовска

Авторката учествуваше на програмата Sarajevo Talents Press 2019 на 25-тото издание на Сараевскиот филмски фестивал, каде, под менторство на Дана Линсен и Јоана Павлова, ја напиша оваа рецензија. Оригиналната верзија на рецензијата на англиски јазик е достапна овде.

Have your say