Првото нешто што го гледаме во „Во круг“ (2019) е внатрешноста на едно полициско возило со двајца офицери кои полека возат низ Софија за време на нивната ноќна смена, разговараат за модерна Бугарија и се обидуваат да дефинираат што се има променето во државата во периодот по 1989-та година. Во овој прв дијалог, кој во основа е хумористичен, ги гледаме различните ставови кон социјалистичкиот и пост-социјалистичкиот блок. Вака бугарскиот режисер Стефан Командарев се обидува да ги прикаже различните расположенија во државата и слика на филмското платно со нијанси на апсурдна и црна комедија.

Филмската приказна е фокусирана на шестмина полицајци (поделени во три полициски возила) кои се на ноќна патрола. Режисерот ја користи карактеристичната естетика на патувачките филмови, со примеси на документаристика прикажани преку камерата во рацете на Веселин Христов, како и кадри од субјективната перспектива на возачите, со цел комплетно вклучување на публиката во самото патување. Често го гледаме градот преку шофершајбните на полициските возила, а дијалозите (полни со политички коментари на режисерот) дополнително помагаат во истражувањето на градската атмосфера. Ставот на полицајците кон настаните со кои се соочуваат често ја одразува бирократската природа на оваа државна институција и несериозниот пристап на сите нивоа на полициските структури на моќ. Во голем број сцени, режисерските одлуки, без разлика дали е тоа хуморот или актерската игра, добро ја постигнуваат својата цел, но некои епизоди може да изгледаат претерано „играни“ за гледачите, поради изоставеното чувство на умереност. Командарев намерно ја акцентира човековата природа на полицајците кои можеби работат во една деградирана институција, но се уште се соочуваат со социо-културни проблеми како голем дел од останатите луѓе. Често одлучуваат според сопствените чувства и ги игнорираат „пишаните правила“ за да спасат дете во смртна опасност или да се погрижат за наставникот од училишните денови. Овие уметнички решенија потсетуваат на „Полицаец, придавка“ (2009) во режија на Корнелиу Порумбоиу, каде идеалите за човечност, простување и емпатија се заменети од „правила“ напишани во речник.

Пошироко гледано, промените во полицијата беа доста болни во сите пост-социјалистички држави. И покрај процесот на „демократизација“, полицијата во многу земји е перцепирана како институција основана на бирократија и нечесни пари. Во исто време, оваа институција се претвора во голем „казнувач“ (со нула толеранција) која ги злоупотребува луѓето и работи во интересите на хегемоничната неолиберална економска елита (овој проблем можеби не е нов ниту во централна Европа, но во овој случај граѓаните често треба да се справуваат со институционален криминал и опресија). Според Питер Х. Соломон, професор на Универзитетот на Торонто по политички науки, право и криминологија, „сите пост-социјалистички општества почуствуваа експлозија на регуларен и транснационален организиран криминал … криминализацијата на економијата преку раст на сивата економија и односите помеѓу организираниот криминал и корумпираните државни претставници“. Сепак централното прашање е како државниот апаратус работи да го елиминира овој проблем? Преку напорите на оние кои ги продадоа техничките и индустриските ресурси на пост-комунистичките држави како да се непотребно железо, со што допринесоа кон растот на масовна нееднаквост.

„Во круг“ на Стефан Командарев е посветен и на структуралната природа (бирократска и корумпирана) на полицијата, и на тековните политички процеси во модерна Бугарија. Сепак, главниот проблем на филмот е неговиот уметнички израз и креативната монотонија. Иако се обидел да создаде оригинален и автономен филмски јазик преку хумор и апсурдност, Командарев е „заклучен“ во сопствената структура и често ни нуди неконзистентни, банални и здодевни сцени. Филмскиот ритам и техничките нијанси се дефинитивно проблематични – црна комедија и неколку политички коментари не се доволни за да се направи добар филм.
Александар Gabelia
Авторот учествуваше на програмата Sarajevo Talents Press 2019 на 25-тото издание на Сараевскиот филмски фестивал, каде, под менторство на Дана Линсен и Јоана Павлова, ја напиша оваа рецензија. Оригиналната верзија на рецензијата на англиски јазик е достапна овде.