„Мишко“ е прв краток игран филм на младиот режисер Ханис Багашов, кој ја имаше својата премиера пред 1 година на Скопје Филм Фестивал, а од тогаш бил дел од повеќе од 25 признаени филмски фестивали низ светот. Минатата година беше единствен македонски филм на престижниот „Сараево Филм Фестивал“ помеѓу 266 филмови од 56 различни земји. Публиката имаше можност да го види повторно во Скопје на Младинскиот Филмски Фестивал во гимназијата „Никола Карев“ пред две недели.
Приказната е за Ангел, мирно и повлечено момче кое оди да бере јаболка со својот другар Мишко, но како поминува денот сѐ повеќе се соочува со суровоста на Мишко и своите родители. Филмот е во независна продукција, работен според краткиот расказ „Прозорец“ на Иво Андриќ. Сценарист и режисер е Ханис Багашов, а продуцент и
директор на фотографија – Самир Љума. Во главните улоги се Марко Ристовски, Тарик Рамадани, Игор Ангелов и Верица Недеска.

Дејството се одвива во едно мало приградско село, а приказната го следи Ангел, главниот лик кој притиснат од неколку страни во средината, не успева да ја придобие правдата која и тоа како повторно се покажува како да не е дел од ниту една сфера на
општественото живеење. Филмот е обична приказна која во главниот фокус не го става семејното насилство, ниту проблематичните односи во различни средини во едно современо општество, ниту т.н. токсичен маскулинитет на таткото, туку обичниот ден на момчето Ангел, кој со својот карактер тешко се вклопува во исто така обична средина. Токму ваквиот пристап за поентирање на елементарните настани во подфокуси го прави делото непретенциозно, топло и блиско за гледање.
Мишко е храбро момче, а тоа се забележува уште во една од првите сцени кога тој се издвојува од својта група како херој кој ќе ја земе топката од дворот на лошата баба Мира. Поливањето со вода, кај ваквите личности само го покачува херојството, па егото и самодовербата кај Мишко растат и го тераат да ги надоврзува настаните по свој терк. Ангел го следи налутениот Мишко до дрвото од кое берат јаболки и тука низ дијалогот за првпат се открива првиот проблем и карактерот на Мишко, кој доминантен и супериорен над Ангел му соопштува план кој не смее да биде одбиен. Стравот на Ангел од својот татко не му дозволува да го следи планот на Мишко, па во продолжение како одраз на тоа ќе добие и етикети од типот на „девојче“, или директна сугестија да облече фустанче од својата сестра.
Вториот проблем со кој се соочува Ангел е карактерот на неговиот татко, кој го користи секој момент да му објасни како треба да изгледа и да се однесува вистински маж, за потоа, во самата кулминација на приказната и физички да му пресуди. Гледачите уште еднаш се соочуваат со токсичната машкост во оваа средина, која очигледно кај деца како Ангел влијае сосема спротивно. Секвенците вметнати на почетокот и на крајот (од полжавот), на почетокот и пред најважната сцена (од копривите и ветарот), и променливото време и надоаѓањето на облаците помеѓу сцените паралелно на дејството, одлично функционираат и како да се таму за да нѐ потсетат на минливоста и брзината на настаните, трнливоста на приказната и припадноста на човекот кон природата и обратно, со што понекогаш реакциите се сѐ уште многу повеќе импулсивни и примитивни отколку општествени и хумани.
Реализмот во филмот е сеприсутен и ова е дефинитивно едно од тие дела кои директно и нецензурирано го отвораат проблемот, за кој и тоа како треба да се зборува повеќе. Ханис не бега од вистините и тоа се забележува на почетокот каде ја сретнуваме мајката како пере теписи, кесата залутана на дрво, двете деца кои гледаат во телефоните и веста за мигрантите кои се ставени во уште една споредна функција во делото, а се сепак коментар за времето и просторот во кое се наоѓаме.
За самиот реализам додава и камерата на Самир Љума, која ги прикажува настаните онакви какви што се и воопшто не интервенира во реалноста. Ваквиот пристап на авторот е многу зрел и веќе влегува во онаа капа на филмски реализам која Андре Базен ја теоретизираше како најважната форма на филмската уметност, пред нешто повеќе од половина век. Музиката е на Златко Ориѓански, минималистичка, искористена само во одредени споредни сцени, која добро се вклопува во целиот амбиент и во ниту еден момент не доминира над приказната, со што се добива впечаток дека е дел од самото дејство.
Сѐ на сѐ, ова прво кратко играно остварување на Ханис е многу зрело, искрено, технички точно – и важно, како за неговата кариера и домашната кинематографија, така и за секој поединец кој го гледал филмот, или ќе го гледа во иднина.
Филип Лафазановски