Традицијата ги проголтува своите чеда

...„вкусот во устата по филмот е силен и горлив, како што најверојатно и целел Столевски.'

„Види ја ти неа“ на режисерот Горан Столевски гради директен и остар коментар за бременот кој традиционалното општество го товари врз маргинализираните. Анета (Сара Климоска) е средношколка која е подложена на навреди од своите соученици поради својата сексуална ориентација. Откако автомобил ќе го прегази нејзиниот телефон, таа наоѓа неочекувано решение за тоа како да добие нов – скокајќи по крстот за време на празникот Водици. Ова предизвикува низа на негативни реакции во нејзината околина.

Климоска е главниот стожер на филмот, наспроти редицата споредни ликови со кои од време на време ги дели сцените. Режисерот Столевски ја задржува камерата фокусирана на неа и нејзините реакции за да го пренесе нејзиниот светоглед. Навредувана, напаѓана и омаловажувана, Анета во најдобрите сцени изгледа како брана на секунда пред попуштање. Климоска ја позиционира како цврста, решителна и гневна, и во тоа успева да создаде добар впечаток и покрај ретките, на моменти штури или веќе чуени реплики на Анета и останатите ликови.

Ако непробојноста на погледот на Анета е првиот дел од равенката на Столевски, камерата на Наум Доксевски го задава вториот удар. Пред фрлањето на крстот, додека попот (Игор Ангелов) ги пее репликите кои го воспеваат ритуалот, окото на камерата се движи низ блатото по кое цапаат голите нозе на насобраните натпреварувачи. Повеќе од само исмевање, визуелниот јазик на филмот говори за трезвено согледување на баналноста на ситуацијата. Столевски покажува како традицијата, извитоперена, е претворена во алатка за изживување со различните од себе. Или барем во пократок пат до нов телевизор.

Освен репликите, кај филмот се чувствува и краткото времетраење, особено во развојот и уверливоста на ликовите во него. Чувството на недореченост (или барем на шанса за нешто повеќe) можеби ќе било помало со само уште неколку внимателно вметнати сцени. И покрај тоа, вкусот во устата после „Види ја ти неа“ е силен и горлив, како што најверојатно и целел Столевски. Препорачувам.

Атанас Димитров

Have your say