Најновиот долгометражен филм на босанската режисерка Инес Тановиќ, насловен „Син“, ја имаше својата светска премиера во рамките на натпреварувачката програма на 25-тото издание на Сараевскиот филмски фестивал. Одлуката фестивалот да го отвори токму „Син“ не е случајна – краткометражните филмови и документарците на Тановиќ се добро познати во нејзината татковина. Во 2015 година, нејзиниот долгометражен филм „Наша секојдневна приказна“ беше тематски фокусиран на семејството, слично на „Син“.
Најновиот филм на Тановиќ започнува со неколку сцени на улица. Главниот лик, младиот Арман, се подготвува за средба со неговата биолошка мајка. Камерата долго го следи патувањето на Арман со такси кон (за сега) непозната локација. По пат, публиката паралелно ги гледа најавната шпица за филмот и фацијалните експресии на Арман, овозможувајќи му на долгиот кадар да го артикулира патувањето на Арман од минатото кон сегашноста. Како што најавната шпица ги запознава гледачите со филмската екипа, така и фацијалните експресии на Арман ја поставуваат основата за неговото патување. Како дополнителен слој во приказната, ги гледаме имињата на познати актери од бившите југословенски простори, како Снежана Богдановиќ, Уликс Фехмиу и Емир Хаџихафизбеговиќ – нивната поврзаност со локалната кинематографија и историја започнуваат да го формираат мотивот на минатото.
Откако почетокот на филмот гради атмосфера на возбуденост и исчекување, биолошката мајка на Арман не се појавува на договореното место, по што тој се враќа во Босна. Токму вака го запознаваме неговиот живот и неговото семејство. Филмот се фокусира на чувството на припаѓање и семејните корени како главна тема, за основа користејќи го детството на Арман како посвоен син. Тој има речиси 18 години, но често е во конфликт со семејството и се однесува незрело и насилно. Сепак, неговото насилно однесување е еден вид на комуникација. Поради тоа што може да биде избркан од училиште, неговото матурирање виси „на конец“, што е уште една причина за неговото чувство на неприпаѓање. Како посвоен син, тој секогаш претпоставува дека неговото присуство е непосакувано во просторијата. Филмот посветува многу време токму на истражувањетo на оваа идеја и односот на Арман со неговите родители кои го посвоиле како мал.

Во меѓувреме, маскулината страна на неговото однесување станува се посилна. Иако е заглавен во несоодветни шеми на детинесто однесување, Арман се обидува да доминира со неговата физичка моќ и „машкост“. Не знаејќи каде припаѓа, тој создава автономен простор со својот бес. Својот помал брат го перципира како омиленото дете на нивните родители, а фактот дека неговата биолошка мајка не сакаше да го запознае уште повеќе го тера да мисли дека никој не го сака. Па така, својата идеја за семејство, братство и припаѓање ја формира во кругот на пријателите. Дополнително, однесувањето на неговото семејство за него е бесмислено, па се обидува да создаде ново значење преку отуѓувањето од нив. Наместо да припаѓа на семејството, тој се повеќе комуницира со самиот град Сараево. Паркот, ридовите, пензионерите излезени на прошетка му се поблиски на Арман од неговото семејство. Чувството на припадност во Сараево му помага да се поврзе со своето минато и, веројатно, со минатото на неговата биолошка мајка.
Во „Син“, Тановиќ често се потпира на хумористични елементи за да ја прикаже семејната драма, а ефектот на отуѓување дополнително го засилува хуморот. Актерскиот стил одговара на овој концепт, но така значително се оддалечува од реалноста и голем број сцени портретираат семејни односи кои изгледаат неприродно. Преку истовремено користење на отуѓување и реалистичност во нејзината режија, Тановиќ гради нестабилна нарација која изгледа неодлучно – нејзините наративни одлуки не помагаат во градењето на врските помеѓу минатото и сегашноста.
Кога станува збор за минатото, филмот неколку пати реферира на војната, како што е сцената во Музејот на военото детство во Сараево каде наставничката зборува за потребата од сеќавање на историјата. Секако, овој коментар е важен и за индивидуалните корени, поради тоа што самата идеја на заедништво (без разлика дали е тоа во група, семејство или општество) создава заедничка историја. Сепак, кога луѓето се сеќаваат на нивното минато и на војните во него, се појавува бес. Дали е ова најдобрата можна реакција? Одговорите на ова прашање Тановиќ ги истражува и на макро и на микро ниво, преку личната семејна историја на Арман. Додека тој живее во своето минато, неговото семејство поседува модерно реновирана куќа – не не зачудува неговата удобност во стариот стан на неговите баба и дедо.

Сепак, и минатото на Арман и босанската историја се нејасни во филмот, поради тоа што нема јасни назнаки околу нивната поврзаност – иако е очигледно дека детството на главниот лик се одвивало во пост-воениот период во Босна и Херцеговина. Арман се обидува да го надмине своето минато, исто како што и самата држава активно работи на градењето подобра иднина … но во двата случаи, во воздухот лебди голем прашалник.
Вториот долгометражен филм на Инес Тановиќ се обидува да ги интегрира минатото и сегашноста во колаж од секојдневни приказни од модерното Сараево. Сепак, голем дел од нив не одат заедно поради начинот на кој се изградени карактерите, наративниот тон и монтажата.
Сезен Сајиналп
Авторката учествуваше на програмата Sarajevo Talents Press 2019 на 25-тото издание на Сараевскиот филмски фестивал, каде, под менторство на Дана Линсен и Јоана Павлова, ја напиша оваа рецензија. Оригиналната верзија на рецензијата на англиски јазик е достапна овде.