Подемот и падот на Скајвокер-сагата

....„ова е дел од една целина кој за жал треба да е јаготката на Дизни шлагот, а не расипана, преблага овошка која предизвикува тортата да се преврти“.

Кон „Војна на ѕвездите: подемот на Скајвокер“ во режија на Џ.Џ. Абрамс, сценарио од Џ.Џ. Абрамс и Крис Терио, кинематографија на Ден Миндел

„Војна на Ѕвездите“ е еден од потешките серијали на филмови каде може рационално да се даде критички осврт на филмот како седма уметност. Ова можеби и не е толку точен исказ, но е вистина за овој рецензент како самопрогласен огромен фан на целиот свет кој го има изградено Џорџ Лукас, а особено на незаборавните ликови. Тешко е и да се даде правилно расудување за последниот дел од сагата без да се погледне назад кон целата „Дизни“ трилогија започнувајќи во 2015, зошто токму тогаш започнуваат огромните проблеми со кои ова студио се соочува во однос на целосната приказна. Во кратки црти, ако „Подемот на Скајвокер“ се погледне низ призмата на засебен филм, тогаш недостатоците се сведуваат на слаба монтажа, преполнето сценарио кое е напишано за 6 часовен филм и некохерентен премин помеѓу сцените кои како да се одвиваат сите одеднаш или со огромни временски разлики. За сè останато може да се каже дека придонесува за забавен, лесен филм кој е полн со прекрасна кинематографија, бои и битки – просечен и заборавлив. Сепак, ова е дел од една целина кој за жал треба да е јаготката на Дизни шлагот, а не расипана, преблага овошка која предизвикува тортата да се преврти. 

Без да се навлегува во ситуација на откривање на дејството, „Подемот на Скајвокер“ е филм каде што режисерот се труди да исправи премногу од „грешките“ на претходникот, „Последниот џедај“. Велам „грешките“, зошто тоа е чисто субјективно видување низ леќата на самиот Абрамс и студиото кои како да сакаат да срушат сè што режисерот Рајан Џонсон воспоставил во претходниот дел. Затоа, целиот филм „мириса“ на одлуки кои не се планирани, се измислени во текот на процесот на менаџирање на ризик и се спротивни на активностите и делата на ликовите во претходните филмови. Поголема слика не постои, а истотака ни целозно разработена приказна и мапа за тоа како ликовите треба да се изградат, која е нивната конечна дестинација и влијание. 

„Подемот на Скајвокер“ започнува доста интригантно и агресивно со појавата на можеби најсилниот лик во целата трилогија, Кајло Рен (Адам Драјвер) кој е во потрага по стар артифакт кој го покажува патот кон древната планетата на Ситот – Ексагол. Борбените сцени и глумата на Драјвер е една од посветлите точки во цела трилогија токму зошто неговиот лик е најразработен и најреалистичен. Тој е во опасност од човекот на кој му верува како заштитник, неговиот вујко Лук Скајвокер (Марк Хамил) што придонесува за внатрешен немир, лутина, отуѓување што доведува до неговата трансформација од Бен Соло во темен водач. Тој конфликт што го има никогаш не згаснува и е есенцијален за неговиот развој во овој филм, и затоа е огромна штета што Џ.Џ. Абрамс решил да потклекне во последниот момент и да го „предаде“ најсилниот лик што го има во арсеналот. На јунакињата на целата трилогија, Реј (Дејзи Ридли) е направена најголема неправда со историја која нема никаква смисла и е резултат на многу мрзливо пишување. Ако Рајан Џонсон се осмелил да ја направи независна жена која сама си ги стекнала моќите и способностите, новите сценографи не веруваат во тоа а ниту пак во неа како индивидуа сама за себе.

Сагата за семејството Скајвокер требаше да заврши одамна, со жртвата на Дарт Вејдер/ Анакин кој го исполнил пророштвото уште во „Враќањето на Џедајот“. Новата трилогија е толку опседната со рециклирање и повикување на стара и докажана формула што се осмелува да ја избрише една од најмоќните приказни за покајание и прошка во научната фантастика. 

Скајвокер е мртов, долго да живее Скајвокер. Џар Џар Абрамс добро се погрижил за тоа.

2.5/5

Петра Бранковска