режисер и сценарист: Шахарбано Садат
улоги: Квадратула Кадири, Седика Расули, Месихула Феражи
директор на фотографија: Виргини Сурдеј
Децата се тема на истражување на многу филмови, посебно во приказни каде што политиката и светот на возрасните ја уништуваат нивата детска невиност. ,,Сиропиталиштето” е вториот долгометражен игран филм на талентираната млада авганистанска режисерка Шахарбано Сaдат (29). Првиот нејзин филм исто така не поканува да гледаме на работите низ детските очи, што се чини би требало да биде лајтмотив во целото нејзино идно творештво и кариера. Овие два филма се планирани да бидат дел од една пенталогија која има за цел да ѝ даде една уметничка перспектива на бурната авганистанска историја во последните неколку децении. Во двата досегашни случаи Садат секогаш има издвоено место помеѓу режисерите на Канскиот филмски фестивал.
Садат во филмот се занимава со социјални, политички и реалистични теми, кои се често поместувани со фантастични исечоци кои придонесуваат за зголемување на нашата возбуда и очекување. Поривот да се биде пореален е исто така акцентиран и со фактот дека Садат користи непрофесионални актери кои даваат посебен шарм на приказната која сака да биде што побрутално реална, а истовремено и забавна.

Приказната на ,,Сиропиталиштето” се одвива во 1989 година, при крајот на Студената војна, што исто така е и година на крајот на Советско – Авганистанскиот конфликт. Макросветот на политичките збиднувања како тивок ветар дува низ нарацијата на филмот, каде младиот тинејџер Квадратула заработува ден за ден, со тоа што препродава билети за филмски проекции во едно мало кино во Кабул. Трошната егзинстенција му е заменета со советскиот модел на колективизам на младите во едно сиропиталиште кое е контролирано од авганистанската власт која има блиски врски со идеолошки сродната советска власт.
Квадратула тешко се пронаоѓа во таа контролирана средина, па често замечтаен гледа да излезе од таквата реалност и да креира во својата имагинација фантастични сценарија кои изгледаат како да се продуцирани во некое Боливудско студио. Тие кратки интермеца кои филмски се доловени како дневни мечти на Квадратула му даваат една голема стилистичка нота на филмот, која често одѕвонува како релаксирачки од кој преминува од една во друга ескалација на животот во сиропиталиштето.

Комунистичката утопија е претставена како свет кој се труди да биде што повеќе детски и шаренолик со цел да им се доближи на децата. Може да се забележи дека во политичките бури претставени преку различните општествени уредувања клучна улога имаат боите кои специфично обележуваат еден систем, како и костимографијата и сценографијата кои полека се менуваат и прилагодуваат на новата реалност како што се менуваат и властодршците.
Квадратула е истовремено и Брус Ли од кунг-фу филм, ама и љубовникот Игнацио од теленовелата Касандра како и локален супер-херој кој со фантастичното им се спротиставува на авторитетите кои полека го уништуваат секој дел од неговото детство.
,,Сиропиталиштето” е филм кој се чини дека ја трасира Садат на патот кон уште поангажиран пристап во нејзиниот следен филмски проект. Расчешлувањето на авганистанската историја, која со години е во центарот на медиумите низ една ваква деконструкција на жанровите и ликовите е еден од хајлајтите на овогодинешниот ,,Синедејс”, кој минатата недела беше главната точка на собир за сите филмаџии и филмски ентузијасти.
Кирил Дончов