„Златната ракавица“: Се чини дека војната се повторува

„Хонка и другите “неработници” не се неуморни, тие не трагаат по ништо, задоволни се со она што го имаат, ако го имаат. Тоа се изнемоштени ликови кај кои вистинските шанси за подобрување се недостижни, ликови кои не умеат да замислат некои повозвишени идеали. “

Кон филмот „Златната ракавица” во режија на Фатих Акин, по сценарио на Фатих Акин и Хајнз Штрунк и кинематографија на Рајнер Клаусман; улоги: Јонас Даслер, Маргарет Тизел, Катја Штуд, Грета Софи Шмид

„Има солза на патот која сака да патува со мене…”
(“Es geht eine Träne auf Reisen, sie geht auf die Reise zu mir…”)

Композиција на ликови кои се присутни и постојат, а нам не многу блиски и стварни – тоа е темата која резултираше од повторната соработка на Фатих Акин, германски режисер со турско потекло и директорот на фотографија Рајнер Клаусман. Во трилерот „Златната ракавица“, приказната започнува во 1968 година со акцент на една ниска класа пропадната во алкохолизам и проституција, со бледа и мрзлива намера да се заборави минатото и трагедијата од Втората светска војна. Местото е областа Сент Паули во Хамбург, каде се наоѓа светски познатиот црвен кварт околу улицата Репербан. Во една ваква средина, сериски убиец безмилосно измачува голем број постари жени и отсечените делови од телата ги крие во поткровјето во кое опстојува. 

Бизарниот случај прикажан во „Златната ракавица“ се случувал во соседството на Акин, па веројатно можноста да ја слушне приказната и описите за главниот лик Фриц Хонка (Јонас Даслер) од близок роднина одиграла своја улога во портретирањето на Хонка. Тесниот и уништен тавански стан во кој човечки невозможно преживува и “дејствува” Хонка е најпогодно избрано место на кое би израснал и би се формирал таков лик. Поголемиот дел од амбиентот на филмот е во кафено-зелени “валкани” бои и костими кои одговараат на времето и физичката состојба на ликовите. Иако во филмот содржински сѐ се одвива многу брзо и фреквентно, визуелно е доста „бавен“, без огромни разлики помеѓу зашеметувачки брзи и едноставно смирени кадри. Тоа е и добар потег – визуелната напнатост да не се поклопува целосно со содржинската. 

Кај главниот лик Хонка, емпатијата е доведена на минимум, неговата изопаченост ужива во слушање звуци на измачување и болка. Режисерот Акин, на едно свое интервју, потврдил дека не го сака холивудскиот начин на претставување на сериските убијци како интелигентни и доста привлечни, што многу соодветно го доловил во филмот. Совршено изработената шминка на секој од ликовите, а особено на младиот Даслер, придонесува за сложување во целиот нечист и неестетски уреден простор како во станот на Хонка, така и во барот “Златната ракавица”. Ликот на Петра, младата девојка која е ќерка на една од жртвите на Хонка и посакуван негов плен уште при првите сцени, е одличен пример на стандардна убавина за своето време која е недофатлива за Хонка. Тој и другите “неработници” не се неуморни, тие не трагаат по ништо, задоволни се со она што го имаат, ако го имаат. Тоа се изнемоштени ликови кај кои вистинските шанси за подобрување се недостижни, ликови кои не умеат да замислат некои повозвишени идеали. Нивното некопнеење по нешто е изразено во нивниот празен и недефиниран поглед. Тоа се еден многу долен слој на карактери кај кои нема никаква мудрост и од кои останатите нема што добро да извлечат. Ликовите во филмот како никако да не допринесуваат во општеството, па се чини дека војната се повторува со загуби на поинакво ниво.

На крајот, дали треба да му се верува на филмот? Колку сме храбри да го изгледаме филмот? „Златната ракавица” е слика на тогашната општествена реалност која е доста вознемирувачка. Војната се повторува со солзи на патот кои патуваат кон жртвите, исто како и повторувачката мелодија на песната во филмот.

Бојана Исијанин

Have your say