Кон „Суспириа“ во режија на Лука Гуадањино, сценарио на Дејвид Кајганич, кинематографија на Сајомбу Мукдепром.
Оцена: 4/5.
Дарио Аргенто, еден од највлијателните личности во историјата на хорор филмот е авторот кој стои зад оригиналниот „Суспириа“ од 1977 година. Според него, 152 минутниот “римејк“ на италијанскиот режисер Лука Гуадањино го предал духот на оригиналното дело, не содржел никакви елементи на страв ниту музика. Нападниот колоринг и острата кинематографија кои го одликуваат првиот филм не се дел од визијата на помладиот италијански режисер.

Во оваа верзија, атмосферата е сива, а палетата се состои од ладни бои и оскудно осветлување кои во позадина се придружени со меланхоличната и морничава музика на Том Јорк од Рејдиохед. Овој коментар е доста остар, зошто новата верзија не е римејк во ниедна смисла на зборот, со исклучок на позајмените ликови. Ако очекувањата на просечниот фан на овој жанр се токму тие, тогаш тој е спремен за разочарување.
Берлин, 1977 година. Надежната американска танчерка Сузи (Дакота Џонсон – солидна, но и треба време да заблеска) е примена во престижната академија за модерен танц на Мадам Маркус каде бргу ги покажува своите огромни таленти. Нејзин најголем шампион е Мадам Бланк (Тилда Свинтон – извонреден камелеон) која ја турка уште од самиот старт да води екстремно тешки танцови кореографии. Сузи е заслепена од својата амбиција иако чувствува мрачнина околу целиот простор со кој е опкружена – исчезнати танчерки, влијание на радикализирани групи во Берлин, прикриени убиства. Д-р Јозеф Клемперер (Тилда Свинтон, титан на родовата флуидност) е единствениот маж во оваа приказна кој се обидува да разреши дел од морничавата мистерија, кого го прогонува духот на мртвата сопруга од страна на наци режимот.

Најсилните моменти во филмот се токму оние кои ја следат Сузи, но не поради неа самата. Извонредните танцови моменти, гушењето и стравот кој ги предизвикува самиот Берлински ѕид кој цврсто стои пред Академијата, хоророт и телесните течности во самиот климакс се доволни да го задоволат секој кој е фан на мрачна, и помалку сензуална естетика. Фустаните кои Мадам Бланк ги носи се претопуваат во океанот од сиви, беж и ладно кафеави бои и таа станува икона на кохерентните продукциски теми. Модерната Суспириа е всушност порнографија за афинитетот на арт-хаусот према “стил пред супстанца“.
Сепак, тоа не е доволно за да еден филм биде квалитетен. „Суспириум“, „Фолк“ и останатите нумери кои Том Јорк брилијантно ги вклопил во атмосферата на црната магија се истрошени за теми кои никогаш не се доработени. Политичките прашања во тој период се начнуваат на секои 30 минути, но никогаш не се истражени доволно. Насилството спрема цивилите во Источен Берлин, радикалните левичарски движења, феминистичката култура – се само дел од позадинската врева во „Суспириа“ кои за жал не влијаат никако врз развојот и изборите кои ликовите ги прават. Ова е пропуштена шанса, ако некогаш постоела таква.

Гуадањино го режирал филмот како што како фамозниот Мондриан пристапил кон своите слики – апстрактно. За разлика од неговиот претходник, оскаровецот „Викај ме со твоето име“ кој е брутално реален во приказот на распадот на една љубовна врска, тука се чини дека работи со полузавршени скици. Тој има концепт, но целиот плод е осуден на билион интерпретации од кои повеќето се грешни, а бараат посебни објаснувања чии одговори ни самиот автор не ги знае. Се што може да се прифати е визуелниот спектакл што е Тилда Свинтон и нејзините бизарно задоволувачки манеризми.
Петра Бранковска